Новата кошаркарска сезона во македонската кошаркарска прва лига ќе биде отворена со натпреварот од Суперкупот „Драган Василов – Цевка 2026“, кој во сабота ќе се одигра во Куманово.
Од 18:00 часот, во спортската сала во Куманово, силите ќе ги одмерат актуелниот освојувач на Суперкупот, МЗТ Скопје Аеродром, и МКК Куманово.
За МЗТ Скопје Аеродром ова ќе биде можност уште на стартот на сезоната да се бори за првиот трофеј, а шефот на стручниот штаб, Васко Атанасов, очекува интересен натпревар и позитивен епилог за својот тим.
„Имаме доста предизвици пред нас во новата сезона. Веќе во сабота нè очекува дуелот од Суперкупот против Куманово. За нас, традиционално, ова е некое отворање на сезоната. Суперкупот е еден од трофеите кои ние посакуваме да ги задржиме. Одиме да играме во Куманово. МЗТ Скопје е најдобар кога игра на гости и победува кога игра на гости. Тоа е одлика на големи екипи. Ние сме голема екипа, така што очекувам добра атмосфера, добра игра и, секако, да го задржиме трофејот кај нас“, вели Атанасов.
Куманово ќе биде домаќин на првиот голем натпревар во новата сезона.


