Тренерот на РК Вардар 1961, Иван Чупиќ пред дуелот против против Висла Плоцк од третото коло од ЕХФ Лигата на шампионитево во четврток од 20,45 часот во СЦ „Јане Сандански“ изјави дека има голема почит кон полскиот тим, кој во последните сезони се наметна како една од водечките сили во европскиот ракомет.
„Висла е екипа која припаѓа меѓу десетте или дванаесетте најдобри во Европа. Долго време се заедно, имаат ист тренер и имаат континуитет. Нивните резултати во Полска и во Лигата на шампионите доволно зборуваат за квалитетот и амбициите на клубот. Келце долго време доминираше во полскиот ракомет, но во последните пет-шест години Висла се наметна како водечка сила. Тоа доволно покажува каков противник ни доаѓа во Скопје“, истакна Чупиќ.
Стручниот штаб детално ги анализирал нападот и одбраната на Висла, а Чупиќ очекува неговите ракометари да го одиграат најдобриот натпревар во нападот од почетокот на сезоната.
„Добро се подготвуваме, имаме добра енергија и добро тренираме. Ги анализираме сите сегменти од играта на Висла, и во нападот и во одбраната. Според мене, Висла во моментов ја игра најдобрата одбрана во Лигата на шампионите. Имаат тројца одбранбени специјалисти, многу се подвижни, агресивни и играат специфично. Нашиот напад мора да биде најдобар досега во оваа сезона. Мора да одиграме подобро отколку против Охрид, но и подобро отколку на натпреварот со Мелсунген. Сите сегменти мора да бидат на највисоко ниво – одбраната, враќањето, транзицијата и постигнувањето лесни голови. Сепак, ако треба да изберам еден клучен сегмент, тоа ќе биде нападот“, нагласи Чупиќ.


