Д-р Роби Сика, медицински директор на Здружението на професионални тенисери, се осврна на проблемите со кои се соочува Новак Ѓоковиќ. Сика истакнува дека издржливоста не опаѓа ненадејно кога спортистот ќе влезе во триесеттите години, но ефикасноста на закрепнувањето значително се намалува.
„Разликата се покажува кога од телото барате да спринта, застане, смени правец, да се опорави – и тоа да го повтори стотина пати за неколку часа, а потоа потенцијално и два дена подоцна. Закрепувањето помеѓу поените, меѓу сетовите и натпреварите станува помалку ефикасно“, вели Сика, а пренесува „Њујорк тајмс“.
Некои од условите карактеристични за гренд-слемовите, односно натпреварите во пет сета што можат да се одолговлечат до доцна во ноќта, само ја влошуваат целата ситуација.
„Тетивите се поцврсти, зглобовите и мускулите имаат апсорбирано децениски оптоварувања, а помалите повреди и дегенеративните промени се акумулираат. Тоа може суптилно да ја промени ефикасноста на движењето, така што постариот играч може да потроши повеќе енергија изведувајќи го истиот потег“, додава Сика.
Кај помладите, за време на напорните натпревари може да се потрошат 85 до 90 отсто од енергетските резерви, додека во подоцнежната фаза од кариерата тоа достигнува и близу 100 проценти.
„Не би рекол дека повраќа затоа што е постар. Би рекол дека повторливата мачнина може да биде видлив знак за тоа колку телото е блиску до границата. А бидејќи границата меѓу одржливото оптоварување и максималното оптоварување се намалува со годините, потенцијално е полесно да се дојде до таа точка“, истакнува Сика.
Да потсетиме, Новак беше елиминиран во првото коло на УС Опен од Маријано Навоне, при што во исто време покажа видливи траги на исцрпеност.


