Арина Сабаленка претрпе еден од најболните порази во последните години. Светската тенисерка број еден речиси го доби натпреварот против Дајана Шнајдер на Ролан Гарос, откако водеше со 6:3 и 4:1 и беше блиску до победа, но на крајот доживеа целосен нервен слом и тежок пораз.
Русинката ги доби последните десет гема по ред и славеше со 3:6, 7:5, 6:0, а Арина Сабаленка не криеше колку многу ја погодил поразот по натпреварот.
„Немам мисли, немам емоции. Подобро би го оставила тенисот сега…“, рече Сабаленка низ солзи по натпреварот, признавајќи дека клучниот момент бил вториот сет, кога не успеала да ја искористи можноста да го заврши натпреварот:
„Имав пристојни шанси во вториот сет да завршам, но се зезнав. Потоа таа го притисна гасот, играше агресивно. Не можев психички да се опоравам по вториот сет, тоа беше мојата најголема грешка денес.“
Таа беше особено загрижена за фактот дека откако го загуби вториот сет, не можеше да најде начин да се врати.
„Не знам кога ми се случи ова последен пат, да изгубам десет гема по ред. Психички влегов во некоја темна дупка и не можев да се вратам на вистинскиот пат.“
Сабаленка верува дека тешките временски услови, особено силниот ветер, ја направија играта уште потешка, но не сакаше да бара алиби во ветерот и отворениот покрив на централниот терен.
„Не знам зошто би го држеле покривот отворен кога ветерот беше луд… Но, како можам да се жалам ако сè функционираше речиси целиот натпревар, а потоа сè едноставно излезе од контрола. Чувствувам дека стануваше полудо, можеби затоа што не се чувствував добро ментално…“, рече разочараната Сабаленка, продолжувајќи со ист тон:
„Можеби сум јас, можеби затоа што „полудев“. Станувам премногу емотивна… Уморна сум од губење натпревари само затоа што сум преплавена од емоции.“
Иако на крајот од конференцијата пронајде малку хумор, беше јасно колку е разочарана.
„Не знам што ќе правам утре или следните неколку дена, искрено не знам. Не знам… Не знам…“, постојано повторуваше Сабаленка, а потоа конечно ги насмеа сите:
„Всушност, сфатив што ќе правам утре. Има соби каде што само влегуваш и кршиш сè, веројатно утре ќе го поминам целиот ден таму кршејќи работи. Можеби ќе помогне – можеби не…“


