Дерби натпреварот во Гостивар помеѓу ФК Шкендија и Вардар заврши без победник, иако се постигнаа 3 гола, кои по интервенција на ВАР системот се поништија, за недозволена позиција.
Во 8. минута ја забележавме првата посериозна закана, кога Красниќи силно биеше од 16 метри, но голманот на гостите беше на вистинското место. Две минути подоцна, Арбин Зејнулаи одлично центрираше, но Ндзенгуе од само пет метри промаши колосална шанса. Вардар возврати преку Најдовски, чиј удар со глава заврши право во рацете на Бубакар Гаје.
Во 24. минута Зејнулаи се обиде да го лобува истрчаниот Талески од половина терен, но без успех, а на спротивната страна Гаје со крајни напори го одбрани ударот на Данев од 18 метри.
Најголемиот возбудувања се случија во финишот од првиот дел. Во 31. минута Ндзенгуе конечно ја затресе мрежата, но по реакција на ВАР-системот, голот беше поништен поради офсајд. Пред самиот одмор, истиот играч уште еднаш ја избегна офсајд-замката и го лобуваше Талески, но топката замина за малку над пречката.
Вториот дел започна со шанса за Мелиќи, кога по центаршутот на Красниќи биеше со глава покрај голот, а Вардар возврати преку Јанкулов, чиј шут замина надвор од рамките.
Во 53. минута Закариќ силно се обиде од левата страна, но Гаје беше сигурен. Најспорниот момент на натпреварот се случи во 55. минута, кога Шкендија бараше најстрога казна по дуелот меѓу Закариќ и Манев во шеснаесетникот, но главниот судија само покажа играта да продолжи.
Во финишот од натпреварот следуваа уште неколку опасни акции. Шкендија се закани преку Трумчи од 20 метри, додека Вардар одговори преку Најдовски со глава и Данев, кој промаши од одлична позиција од 11 метри. Во 84. минута Гаје мораше повторно да интервенира по силниот удар на Пиреш за да спречи погодок, а веќе во следната минута Данев пропушти уште една голема шанса за гостите кога од казнетиот простор шутираше крај голот.
Во 88. минута, по брзиот контранапад што го започна Спахиу, Вардар постигна гол преку Данев. Меѓутоа, по реакцијата на ВАР-системот, голот беше поништен. Гостите повторно ја затресоа мрежата во 96. минута, кога Спахиу центрираше во шеснаесетникот, а Пиреш погоди во домашната мрежа. Сепак, повторно по интервенција на ВАР-системот беше досуден офсајд, па натпреварот заврши без победник, нерешено 0:0, велат информациите на ФФМ.


