Разговорите за продолжување на договорот на Мемфис Депај со Коринтијанс се претворија во една од најнеобичните фудбалски приказни ова лето. Според бразилските медиуми, холандскиот напаѓач не само што побарал повисока плата, туку и низа финансиски и комерцијални привилегии што ретко се гледаат во професионалните фудбалски договори.
Депај наводно сака да ја користи арената „Нео Кимика“ за приватни настани два дена во годината, како и да добие своја ложа на стадионот. Некои извори тврдат дека тој предложил и договор за поделба на приходите од настаните што би ги организирал, според кој би добивал дури 50 проценти од заработката.
Холанѓанецот наводно бара и дел од парите што Коринтијанс би можел да ги заработи од Светското клупско првенство во 2029 година, дури и ако повеќе не е член на бразилскиот клуб. Меѓу претходно поставените услови е и правото на 20 проценти од бонусите за освоени трофеи.
Предложениот двегодишен договор би вредел приближно 12 милиони евра плата, имиџ права и маркетиншки обврски. Тимот на Депај, според објавените информации, побарал дополнителни десет проценти од вредноста на целиот финансиски пакет, со образложение дека овие пари ќе бидат префрлени на неговиот агент.
Голем проблем е и долгот што Коринтијанс веќе го има кон својот напаѓач. Основниот износ наводно е околу 7,7 милиони евра, додека со камата и договорни казни би можел да порасне на приближно 13,2 милиони евра.
Депај наводно е подготвен да се откаже од дополнителни трошоци и да прифати плаќање на основниот долг на четири рати, на секои шест месеци. Сепак, тој поставил многу строг услов: доколку Коринтијанс доцни со која било рата, побарувањето автоматски би се вратило на целосниот износ од околу 13,2 милиони евра.
За доцнење со плаќањата според новиот договор, неговиот тим наводно бара месечна камата од 1,5 проценти и дополнителна казна од десет проценти. Депај, исто така, побарал гаранции од приближно 2,4 милиони евра приходи од маркетинг, без оглед на тоа дали клубот ќе може да ги постигне планираните резултати преку комерцијални кампањи со играчот.
Раководството на Коринтијанс претходно, според достапните информации, отфрли некои од овие услови, но преговорите не се дефинитивно прекинати. Правниот оддел на клубот работи на потребната документација, додека Депај би морал да помине медицински прегледи пред евентуално потпишување и регистрација.
Холандскиот репрезентативец пристигна во Коринтијанс во 2024 година како слободен агент. Оттогаш, одигра 79 натпревари, постигна 20 гола и освои три трофеи. Сепак, ако објавените барања се точни, неговиот престој во Бразил би значело многу повеќе од вообичаената плата и бонуси.


