Македонија излегува против Шкотска за први бодови во третото коло од Лигата на нации

Третото коло од групната фаза на Лигата на нации е во полн ек, а натпреварите денеска официјално го завршуваат ова коло од турнирот

Прегледи:

Датум:

Третото коло од групната фаза на Лигата на нации е во полн ек, а натпреварите денеска официјално го завршуваат ова коло од турнирот.

Од 20,45 часот Македонија е домаќин на Шкотска во натпревар од елитната Лига Б. Македонците излегуваат на „Тодор Проески“ Арена со три бода на ум за да ги задржат шансите за првите места, додека жилавите „гајдари“ ќе се потпрат на својот традиционален стил да добијат вредна предност во овој тежок натпревар на гостински терен.

Х/Принтскрин/AA

На прес-конференцијата пред натпреварот, Седлоски уште еднаш го потврди својот став дека репрезентацијата се наоѓа во процес на подмладување и дека за тој процес е потребно време.

„Ја подмладивме репрезентацијата и уште ќе подмладувам. Критиките нека одат кај мене. По договор со федерацијата, ќе продолжам со процесот на создавање нови играчи. Сакаме да создадеме нова репрезентација и на тој процес останувам до крај. За тоа треба време, не може сe да дојде преку ноќ“, истакна Седлоски.

Тој нагласи дека настапот во Лигата Б носи поинакви предизвици и дека Македонија мора да се адаптира на квалитетот на противниците, но истовремено да не отстапува од сопствениот начин на игра.

„Кога доаѓав знаев каде влегувам и со какви репрезентации ќе играме. Работам, гледам, следам и знам што правам. Сакам овие момци да бидат задоволни и да ја направат Македонија среќна. На мечот со Словенија, особено во првото полувреме, видовме работи од кои можам да бидам задоволен и сакам да продолжиме во тој ритам, без да се браниме“, додаде селекторот.

За Шкотска, Седлоски очекува физички силен противник, кој често ја користи играта со долги топки и директни напади.

„Шкотска е репрезентација која игра со долги топки и многу топки во шеснаесетникот. Не смееме да ја прифатиме нивната игра, туку мора да ја неутрализираме со наша реакција. Имаат играчи од Премиер лигата, Чемпионшип и Италија. Спремни сме да излеземе на терен, да покажеме карактер и да одиграме како што знаеме“, порача Седлоски.

Јутјуб/Принтскрин/Телевизија M-Net HD

Напаѓачот на Глазгов Ренџерс, Бојан Миовски на денешната прес-конференција изјави дека Македонија мора да покаже заедништво и преку колективната игра да дојде до посакуваниот резултат против Шкотска.

„Секој период во репрезентацијата носи свои предизвици. Сега сме во момент кога треба да покажеме заедништво. Немавме резултати какви што очекувавме, но сега треба да покажеме дека сме тим. Можеме многу да зборуваме, но сe треба да покажеме на терен“, вели Миовски.

Македонскиот напаѓач има голем респект кон Шкотска, но верува дека домашниот терен и колективниот пристап можат да бидат важен фактор.

„Шкотска е одлична репрезентација, имаат квалитетни играчи и знаеме каде настапуваат. Ние играме дома и мора да покажеме квалитет. Не можеме да се потпреме на индивидуален квалитет. Ако бидеме колектив, ќе се вратат и резултатите“, порача Миовски.

Во истата група ќе играат и Швајцарија и Словенија. Ова е еден вид битка за првото место во групата, а засега „крстоносците“ се во подобра позиција по нивните две победи во првите два натпревари.

Бугарската репрезентација гостува кај Исланд во 18:00 часот во натпревар од Групата 4 од Лигата Ц. Нашите соседи ќе бркаат задолжителна прва победа во кампањата, иако задачата изгледа исклучително тешка против привремениот лидер во групата на домашен терен. Досегашните перформанси на „лавовите“ беа разочарувачки, што доведе до заминување на претходниот тренер Александар Димитров, па денешниот натпревар ќе биде официјално деби и огромен предизвик за новиот тренер на Атанас Рибарски.

Јутјуб/Принтскрин/Goal 90 Extra

Паралелно, од 18:00 часот, фудбалска Европа ќе го задржи здивот за обновата на едно од највозбудливите соперништва во модерната историја, кога Хрватска ќе ја пречека Англија на стадионот „Рујевица“ во Риека. Двете екипи имаат богато и драматично минато, бидејќи често се среќаваа во последните години. Едната од нив беше во полуфиналето на Светското првенство 2018 (победа од Хрватска со 2:1) и во групната фаза на Евро 2020 (каде Англија триумфираше со 1:0), при што Британците историски имаат мала предност во вкупните резултати.

Во тековното издание на турнирот, Англија е во подобра позиција откако ја победи Чешка со 2-0 во последното коло, додека Хрватска претрпе тежок пораз од Шпанија со 1-4, што го прави денешниот натпревар одлучувачки за „шахистите“, кои имаат два порази и не можат да си дозволат уште еден.

Подоцна, во 20:45 часот, светските шампиони Шпанија ќе се обидат да ја продолжат својата победничка серија дома против Чешка на стадионот „Карлос Тартиере“ во Овиедо. „Ла Роха“ е во одлична форма и е на чело на табелата со две победи од два натпревари (3-2 против Англија и 4-1 против Хрватска), додека чешкиот тим ќе ги лечи раните по поразот на Островот. Влогот е висок тука, бидејќи Иберијците сакаат рано да го запечатат билетот за следната фаза од турнирот, додека за Чесите секој освоен бод е единствена шанса да преживеат на дното од Лигата А.

Инаку, денешната програма се отвора рано попладне, кога во 15:00 часот Финска е домаќин на Албанија во дуел од Лигата Б. Домаќините ќе се потпрат на нивната силна игра пред сопствената публика за да забележат уште еден вреден успех во кампањата, додека Албанците пристигнуваат со амбиција да ги украдат трите бода и да се одлепат на врвот на табелата.

Повторно во 18:00 часот, Естонија е домаќин на Луксембург во дуел од Лига Ц. Естонците ќе бараат прва победа за да ги вратат надежите за првите места, додека за Луксембург, победата во Талин е златна шанса да се етаблираат меѓу лидерите и да ги задржат реалните шанси за промоција во повисоката дивизија.

Во исто време, во 18:00 часот, ќе се игра натпреварот помеѓу Белорусија и Сан Марино, исто така во рамките на Лига Ц. Белоруската екипа ќе ја игра улогата на фаворит на домашен терен и ќе се стреми кон чисти три бода за да остане во борбата за првите места во групата, додека аутсајдерот Сан Марино ќе направи сè што е можно за да приреди сензација и да извлече историско реми или победа на гостински терен.

Сподели:

повеќе вести
ПОВРЗАНИ

Ѓоковиќ: Нема да кажам што ми е, но се мачам долго време

Новак Ѓоковиќ отворено зборуваше за својата физичка подготвеност откако...

Најскапото летно засилување на Манчестер Јунајтед конечно дебитираше

Манчестер Јунајтед доби добри вести за време на паузата...

Мурињо разгледува нов пристап за Винисиус

Жозе Мурињо размислува да го остави Винисиус Жуниор на...

📽️ Алекс Маркез казнет откако предизвика масовна несреќа во спринт

Алекс Маркез беше, сосема очекувано и логично, казнет од...