Возачот на Ферари, Луис Хамилтон, изјави пред Големата награда на Лас Вегас дека „дефинитивно нема“ проблеми со довербата во тимот, осврнувајќи се на ситуациите во кои не ги послушал повиците на тимот за влегување во бокс.
Седумкратниот светски шампион го игнорирал повикот на тимот за менување гуми двапати во последните четири трки, што во двата случаи негативно влијаело на неговиот резултат.
Последниот ваков инцидент се случил на Големата награда на Сао Паоло на 8 ноември, кога, и покрај силниот дожд, тој останал на патеката со истрошени гуми. Ова резултирало со извртување, по што влегол во бокс во следниот круг.
Британецот нагласил дека соработката со инженерот Карло Санти значително се подобрила оваа година и дека во гореспоменатите ситуации проблемот бил недостатокот на навремени информации, а не недостатокот на доверба.
„Постојано работиме на нашата комуникација. Оваа година е многу подобра. Карло заврши неверојатна работа. Во тие две специфични ситуации, особено последниот пат, едноставно немав информации што ми беа потребни. Го добив повикот во последен момент. Ќе продолжиме да работиме на подобрување на процесот. Многу сме усогласени околу тоа што функционира и одиме во вистинската насока“, рече Хамилтон.
Хамилтон, исто така, се осврна на својот однос со тимскиот колега Шарл Леклер, истакнувајќи дека по разговорот ги решиле несогласувањата што се појавија по неодамнешната трка во Мексико.
„Шарл е одличен возач. Деталите што ги разговаравме се целосно јасни и се разбираме еден со друг. Ги знаеме нашите граници и нашата заедничка цел, а тоа е да постигнеме најдобар можен резултат за тимот. Затоа, не мислам дека тоа ќе биде проблем во иднина. Немам никакви грижи или стравови за тркање со него, и верувам дека нема такви чувствува за мене“, рече Хамилтон.


