Планот на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, за продажба на удел во комерцијалните права за Светското првенство бил многу пообемен отколку што се знаело претходно. Документите, кои се објавени, откриваат дека предложениот договор би овозможил пренос на комерцијалните права за натпреварите на ФИФА на нова компанија за период од 96 години.
Според документите добиени од британски „Гардијан“, проектот, наречен „FIFA Forward Enterprise“ (FFE), вклучувал основање на посебна компанија која би управувала со комерцијалните права за настаните на ФИФА и би генерирала профит врз основа на нивното користење.
Внатрешната проценка на ризикот на ФИФА, од 17 јули, го детализирала планот, кој бил подготвен пред финалето на Светското првенство во 2026 година.
„Овој договор предвидува ФИФА да основа профитна подружница на која би се префрлиле сите комерцијални права за настаните на ФИФА, за нивна комерцијална експлоатација во следните 96 години“, се наведува во документот.
Договорот требаше да работи преку лиценцирани периоди од 12 години, кои би можеле да се обновуваат.
Проектот го водеше инвестицискиот фонд „Тајвс Капитал“, основан од Џошуа Кушнер, брат на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.
Предложената структура, исто така, предвидуваше значителни финансиски стимулации за менаџментот на новата компанија. До пет проценти од акциите на FFE би биле издвоени за бонус фонд наменет за менаџмент, а плаќањата би можеле да достигнат и до 50 милиони долари за секое зголемување од 1 милијарда долари на почетната вредност на компанијата, проценета на 20 милијарди долари.
Дополнително, на инвеститорите им беше обезбедена компензација од 250 милиони долари во случај ФИФА да го прекрши договорот. Според „Тајмс“, постоела и можност компанијата да стане јавна осум години по започнувањето на проектот, а претседателот на ФИФА да биде претседател на одборот.
Сепак, планот беше напуштен на 1 август, откако УЕФА се закани дека ќе го бојкотира проектот.
ФИФА ги отфрли тврдењата дека Инфантино би имал каква било лична финансиска корист од предложениот договор. Тие нагласија дека секоја потенцијална програма за компензација ќе биде наменета исклучиво за членовите на менаџментот на новата компанија, во која претставници на ФИФА нема да можат да учествуваат.
„Менаџментот на ФИФА ќе има водечки улоги во одборот, но тоа нема да подразбира дополнителна финансиска компензација“, објави светската фудбалска централа.
Документацијата привлече дополнително внимание од јавноста и покрена прашања за начинот на кој е подготвен планот. Финансискиот оддел на ФИФА, според интерна проценка на ризикот, не бил директно запознаен со сите услови на трансакцијата.
ФИФА им обезбеди на членовите на својот Совет пристап до документацијата во Цирих, додека УЕФА се обидува да добие релевантни материјали преку судовите во Соединетите Американски Држави.
И покрај новата контроверзност, Инфантино останува фаворит да освои четврти мандат на чело на ФИФА на изборите закажани за март следната година во Рабат. Се очекува неговиот противник да биде Филипе Дијало, со поддршка на УЕФА.


