Навививачите на Челси го губат трпението по уште еден дебакл за нивниот тим. Брајтон ги победи лондонските „сини“ со 3-0 и не само што им ги заврши надежите за пласман во Лигата на шампионите, туку ги престигна и во трката за Лигата на Европа. Големото прашање е дали Челси ќе игра на меѓународната сцена следната сезона.
Доаѓањето на Лиам Розениор не ги донесе очекуваните промени на подобро. Покрај тоа, Челси тоне сè повеќе од натпревар во натпревар со младиот тренер. Оттука и изјавата во англиските медиуми дека настапот на „сините“ во првото полувреме од дуелот со Брајтон беше најлошиот настап на лондонскиот тим во последните 20 години.
Навивачите јавно бараат промена на тренерот, кој пред натпреварот изјави дека ја има поддршката од раководството на клубот, но по уште еден пораз – и тоа убедлив – сигурно му е јасно дека наскоро би можел да биде отпуштен. Веројатно ќе има уште една шанса да го подобри својот впечаток, барем во полуфиналето на ФА Купот против Лидс на 26 април.
Розениор ќе биде под огромен притисок и бран критики во наредните денови…
„Ги разбирам навивачите и нивната фрустрација. Како главен тренер, јас сум одговорен за сè. Имам дебела кожа, но разбирам зошто навивачите се фрустрирани. Исто така сум фрустриран од настапите што ги прикажуваме. Морам да продолжам напорно да работам со мојот тренерски штаб и играчите, да ги анализирам натпреварите, но и да проценам на кого можам да му верувам и на кого можам да се потпрам во тешки моменти. Не доволно играчи го покажаа тоа денес“, рече младиот стратег.
Нема да биде лесно да се сврти ситуацијата кога тренерот нема доверба во својот тим.
„Пред три дена против Манчестер Јунајтед го загубивме натпреварот, но игравме многу добро. Денес беше сосема спротивното и тоа е најтешкото нешто што треба да го прифатам во овој момент. Јас сум емотивна личност, за мене тоа е едноставно неприфатливо. Изгубивме 80 проценти од дуелите, примивме два гола кога можевме да ја погодиме топката со глава, а не го сторивме тоа. Тоа се основите на фудбалот. На кое било ниво, ако правите вакви грешки и немате посветеност на играта, нема да победите.“, порача тој.
Кога го прашаа дали смета дека играчите не играат за него, Розениор го разјасни својот став за ситуацијата.
„Во моментов не е важно дали играат за мене или за себе. Станува збор за играње за клубот, за дресот што го носат. Станува збор за играње за победа. Можете да го толкувате како што сакате, но вечерва нашиот настап беше за осуда. Беше спротивно на сè во што верувам.“
Ќе биде интересно да се види реакцијата на играчите на острите зборови на тренерот.
„Ќе видиме. Не сум ги критикувал претходно, сум ги бранел, но овој пат е неодбранливо. Секогаш ќе ја кажувам вистината. Се обвинувам себеси, не само играчите, јас сум дел од процесот. Секогаш сум бил искрен со играчите и со вас новинарите, колку што можев. Нема да отпишам никого, но ваков вид игра е неприфатлива. Јас сум на чело на тоа, но сите сме тука за Челси. Го сакам Челси. Критиките и притисокот доаѓаат со оваа работа, ако не можете да се справите со тоа, тогаш не треба да бидете во овој клуб. Едноставно така е и тоа е нешто што треба да се реши што е можно поскоро, но на долг рок.“
Прашањето, сепак, е колку време има Розениор да промени нешто. Дури и да не биде отпуштен, крајот на сезоната е многу блиску.
„Морам да создадам време, ќе работам 24 часа на ден. Мора да ги донесеме правилните одлуки за големиот натпревар што нè очекува во недела. Ќе направиме сè што можеме за да ја свртиме ситуацијата“, најави тренерот на сините.


