Кошаркарската репрезентација на Македонија не успеа да ја искористи предноста на домашниот терен и загуби од Кипар (75:85) во натпреварот од втората фаза на претквалификациите за Европското првенство 2029 година.
Адем Мекиќ не го криеше разочарувањето од изданието на нашата селекција, посочувајќи дека противникот покажал поголема енергија и желба за победа, особено во дуелите под кошевите.
„Честитки за Кипар за победата. Се покажа дека повеќе го сакаа резултатот од нас. Влегоа поенергично и во нападот и во одбраната, не натскокаа на наш терен. Ништо не е загубено, но мора сите да се погледнеме во огледало, секој сам за себе, и во следните два меча да покажеме повеќе енергија и доминантна игра за да стигнеме до посакуваната цел“, вели Мекиќ, цитиран од КФСМ.
Македонија ја очекува тешка задача во продолжението од квалификацискиот циклус, но репрезентативецот верува дека разликата од десет поени е достижна и дека квалитетот е на страната на нашиот национален тим. Сепак, потенцира дека тоа мора да се потврди на теренот.
„Секако дека имаме квалитет да победиме со десет поени разлика, иако е многу. Не е недостижен резултат. Знаеме дека имаме квалитет, искрено мислам дека сме доста поквалитетни од Кипар. Но, тоа мора да го покажеме на терен. Пристапот ќе биде клучен на следните дуели за позитивен резултат“, порача Мекиќ.


