Марковиќ нов селектор на женската репрезентација на Македонија

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) соопшти дека Игор Марковиќ е именуван за нов селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија

Прегледи:

Датум:

Ракометната федерација на Македонија (РФМ) соопшти дека Игор Марковиќ е именуван за нов селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија.
Марковиќ е роден на 16 декември 1981 година во Цетиње, Црна Гора. Како играч настапуваше на позицијата лево крило и зад себе има богата и успешна кариера, бранејќи ги боите на РК Ловќен, Будуќност Подгорица, Ал-Курине (Кувајт) и унгарскиот Комлои Бањаш.
За сениорската репрезентација на Црна Гора настапуваше од 2007 до 2018 година, учествувајќи на Светското првенство во 2013 година и Европското првенство во 2014 година. Долги години беше рекордер по бројот на официјални настапи за националниот тим и се вбројува меѓу најдобрите стрелци во историјата на црногорската репрезентација. Воедно, четири години по ред (2010–2013) беше прогласуван за најдобар ракометар на Црна Гора.
По завршувањето на играчката кариера во 2022 година, Марковиќ целосно се посвети на тренерската работа. Најнапред беше ангажиран во женските младински национални селекции на Црна Гора, каде за краток период изгради репутација на еден од најперспективните млади тренери во регионот.
Како селектор на женската младинска репрезентација на Црна Гора, во 2023 година го предводеше националниот тим до освоеното 6. место на Европското првенство во Подгорица, резултат со кој беше обезбеден пласман на Светското првенство.
Во 2024 година ја предводеше репрезентацијата на Светското младинско првенство во Скопје, а истата година направи и значаен исчекор во својата тренерска кариера со ангажман во романскиот гигант Рапид Букурешт, каде беше именуван за помошен тренер и прв асистент на шпанскиот тренер Давид Хинеста Монтес. Во клубот, кој настапува во ЕХФ Лигата на шампионите, Марковиќ работеше со врвни европски ракометарки,стекнувајќи драгоцено меѓународно тренерско искуство.
Најголемиот успех во својата досегашна селекторска кариера го оствари во 2026 година, кога на Светското првенство за ракометарки до 20 години во Кина ја предводеше Црна Гора до историско 5. место во светот – еден од најзначајните резултати во историјата на црногорскиот женски младински ракомет.
„Со големо задоволство го поздравуваме доаѓањето на Игор Марковиќ на селекторската позиција на женската сениорска репрезентација на Македонија. Станува збор за тренер кој зад себе има богато играчко и тренерско искуство, а неговите резултати и професионален пристап се потврда за неговите квалитети.
Пред нас е исклучително важен период – не очекуваат настапите на Трофеј Македонија, како и подготовките за претстојното Европско првенство. Верувам дека заедно со стручниот штаб и ракометарките ќе изградат силен и конкурентен тим кој достојно ќе ја претставува Македонија на меѓународната сцена.На Игор Марковиќ му посакувам успешна работа,среќа и заеднички да се радуваме на нови успеси на женската сениорска репрезентација на Македонија.“. изјави Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов.
„Чест и големо задоволство ми е што ја добив довербата да бидам селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија. Се надевам дека со посветена работа, максимална пожртвуваност и заеднички труд ќе успееме од ден на ден да бидеме се подобри. Пред нас е Европското првенство, а претходно не очекува подготвителен период во кој ќе работиме напорно за да изградиме силен тим. Верувам во добра соработка, добро здравје на сите ракометарки и заеднички успеси со кои достојно ќе ја претставуваме Македонија.“, порача пак новиот селектор на женската сениорска репрезентација на Македонија.

Сподели:

повеќе вести
ПОВРЗАНИ

Аморим го фали Модриќ: „Ако некој може да го направи тоа, тоа е тој“

Новиот тренер на Милан, Рубен Аморим, останува со дел...

Гервонта Дејвис во Zuffa Boxing? Дана Вајт ги потврди разговорите

Претседателот на UFC, Дана Вајт, потврди дека веќе имал...

Поранешен шампион на НБА го засили Дубаи

Дубаи Баскет продолжува да гради амбициозен тим за наредните...

Инфантино во проблеми: Конгресот на САД започнува истрага за врските со Трамп

Џејми Раскин, водечкиот демократ во Комитетот за правосудство на...