Горан Иванишевиќ нема да ја прослави својата голема годишнина само со тениски спектакл. Хрватската тениска легенда одлучи да му даде многу подлабоко значење на настанот, со кој слави 25 години од неговата историска победа на Вимблдон – сите приходи од билетите за егзибицискиот натпревар против Борна Чориќ ќе бидат донирани за да му помогнат на Омиш по катастрофалниот пожар што го опустоши подрачјето пред неколку дена.
Натпреварот ќе се одржи на 29 август, а на Иванишевиќ и Чориќ ќе им се придружи уште една голема хрватска шампионка во тенис – Ива Мајоли. По тениската програма ќе следат концерти на Јасна Злокиќ и Тончи Хулиќ со бендот Мадре Бадеса.
Настанот се вика „25 години Вимблдон“, во чест на еден од најголемите моменти во историјата на хрватскиот спорт. Во 2001 година, Иванишевиќ, како учесник со вајлд-кард, го освои Вимблдон и напиша една од најневеројатните приказни што ги видел овој турнир.
„Четврт век подоцна, големата годишнина требаше да биде првенствено спортска прослава, но катастрофалниот пожар во регионот Омиш ги промени околностите. Затоа Иванишевиќ одлучи да ги насочи приходите од продажбата на билети кон Омиш и луѓето погодени од катастрофата. Размерите на пожарот беа огромни. Според најновите податоци, 28 куќи, 106 возила и 45 чамци беа целосно изгорени, додека десетици луѓе беа повредени. Едно лице загина во катастрофата“, објави Тпортал.
Градот Омиш, исто така, отвори посебна сметка во вторник за донации наменети за санирање на последиците од пожарот, реновирање на инфраструктурата и помош на повредените и евакуираните.
Се шпекулира и дека Новак Ѓоковиќ анонимно донирал 300.000 евра.
Денес, Иванишевиќ е исто така силно вклучен во проектот за враќање на тенисот во центарот на спортскиот живот на Сплит. Првиот летен тениски камп под негово менторство се одржува на терените на ТК Сплит 1950 во Фируле, каде што околу педесет деца работат две недели со Иванишевиќ и стручниот тим на клубот, од кој самиот тој го започна своето патување кон врвот на светот.


