Францускиот тенисер Гаел Монфис синоќа емотивно се збогуваше со Ролан Гарос, но откри дека сè уште има турнири на кои сака да се појави пред крајот на календарската година, кога конечно ќе ја заврши својата кариера.
„Побаравме покана за Вимблдон и чекаме да видиме дали ќе ја добиеме. Но, има многу други играчи кои, без сомнение, ја заслужуваат многу повеќе од мене. Сакам да играм во Монтреал и да се збогувам со навивачите таму. Сакам да бидам во Европа на почетокот на септември за првиот ден на училиште на мојата ќерка. Исто така, ќе побарам од Француската тениска федерација вајлд карта за Отвореното првенство на САД. После тоа, малку сум несигурен за Азија, не знам како ќе се случи. На крајот од годината, можам да ви кажам дека ќе играм во Лион, можеби Виена и се надевам во Париз“, рече Монфис по неговиот пораз во пет сета од Уго Гастон.
„Ќерка ми сè уште не разбира многу, и тоа е добро. Синоќа ѝ реков: „Тато мора да одигра еден натпревар и кога ќе заврши, ќе си оди дома“. Сакаш ли да си дојдам дома?“, а таа ми одговори: „Врати се дома брзо“. Елина (Свитолина) и јас сме многу заштитнички настроени кон неа. Се договоривме дека ќе ѝ кажеме подоцна. Единственото нешто што таа го знае е дека играме тенис“, рече тенисерот за чувствата на неговата ќерка.
„Дури ни во најлудите соништа не очекував такво испраќање. Нема да ве лажам, беше извонредно. Деновите четврток и понеделник ќе ми останат засекогаш во сеќавањето, ова е нечуена случајност“, додаде тој.
„Искрено, не знам што сакам луѓето да паметат од мене. Субјективно е. Бев свој од почеток до крај. Немам ништо посебно, но мислам дека сум весела и топла личност, нешто слично“, заклучи Гаел Монфилс.


