Возачот на Мерцедес во Формула 1, Андреа Кими Антонели, изјави дека имал малку среќа на самиот почеток на Големата награда на Мајами, која ја заврши на првото место.
Антонели повторно имаше турбулентен почеток – повторно беше нападнат од неговите ривали во првата кривина, мораше да излезе од патеката за да го избегне Ферарито на Шарл Леклер, а потоа и да го избегне Макс Верстапен, чиј Ред Бул се изврте.
„Стартот не беше толку лош како во спринтот – беше малку подобар! Не очекував Шарл да сопира толку рано, па, обидувајќи се да го избегнам, ги блокирав тркалата. Имав и малку среќа со она што му се случи на Верстапен во втората кривина“.
Потоа Антонели се наврати во борбата и излезе како победник од дуели еден на еден со Леклер и актуелниот шампион Ландо Норис од Мекларен, за да победи и покрај проблемот со менувачот.
„Направив мала грешка во управувањето со енергијата обидувајќи се да го престигнам Шарл, па изгубив позиција од Ландо, но темпото беше многу добро и успеав да останам блиску“, рече Италијанецот, додавајќи: „После тоа тимот имаше одлична стратегија, донесовме правилна одлука со рано менување на гумите и успеавме да ја завршиме трката, иако не беше лесно.“
По четири трки, Антонели води во генералниот пласман со 100 поени. Неговиот тимски колега Џорџ Расел е втор со 80, Шарл Леклер има 63 на третото место, а Ландо Норис е четврти со 51.
„Ова е само почеток, сè уште има долг пат до освојување на титулата. Но, работиме неверојатно напорно, тимот врши фантастична работа и без нив не би бил тука – па затоа најголемата заслуга им припаѓа на нив и на моето семејство. Ќе уживам во оваа победа, а потоа ќе се вратиме на работа, бидејќи Канада е за две недели.“


