Белгискиот репрезентативец Ромелу Лукаку изјави дека без жалби ја прифаќа својата улога како резерва на Светското првенство, кое би можел да го пропушти по повредата што ја имаше минатата сезона.
Лукаку (33), кој е најдобар стрелец во историјата на националниот тим на неговата земја, одигра нешто повеќе од еден час за својот клуб Наполи во последната сезона поради повреди, а на Светското првенство во 2026 година веќе има запишано речиси двојно повеќе време на теренот во групната фаза, главно влегувајќи од клупата и успевајќи да се истакне со гол и асистенција.
Белгија го освои првото место во Групата Г и ќе се соочи со Сенегал во шеснаесетфиналето во среда.
„Среќен сум што сум тука воопшто, бидејќи ако погледнете како помина мојата сезона, најнормално би било да не бидам дел од репрезентацијата на Белгија за Светското првенство. Затоа, за мене, тоа што сум во групата, играм и им помагам на моите соиграчи на кој било начин што можам, е одлично. Затоа оставам работите да се одвиваат и не жалам за ништо“, рече напаѓачот, цитиран од Ројтерс.
„Сега имаме натпревар против Сенегал. Тие се многу силен тим технички и тактички, дури можат да направат разлика и физички. Ќе биде многу голем предизвик, многу интензивен натпревар. Шансите се 50:50, но да видиме што ќе се случи на теренот“, додаде тој.


