Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александар Чеферин во интервју за ФФМ ја истакна важноста од трпение и континуирана работа во процесот на создавање конкурентна репрезентација.
„Луѓето постојано ги гледаат само резултатите на А репрезентацијата, но мора да разберат дека тоа е процес. Доаѓам од земја со приближно иста големина како Македонија и знам дека е потребно време за да се создаде вистинската генерација за вистински резултати. Македонската федерација се движи во вистинска насока. Колку што сум запознаен, ја подмладивте репрезентацијата и сметам дека јавноста треба да ви даде малку време. Македонија повторно ќе игра на Европско првенство“, порача Чеферин.
Првиот човек на УЕФА зборуваше и за инвестициите во инфраструктурата, предизвиците со кои се соочуваат помалите федерации и потребата од поголема поддршка од државните институции и локалните самоуправи. Тој нагласи дека средствата од европската куќа на фудбалот се контролираат и дека федерациите во најголем дел ги користат домаќински и одговорно.
Во интервјуто ја истакна и суштината на европскиот модел на солидарност, според кој секоја национална федерација има еднаков глас и рамноправна позиција, без оглед на големината на земјата или фудбалската моќ.
„Македонската федерација не е само обичен член на УЕФА, туку подеднакво валиден член како Англија, Германија, Франција или Италија. Секоја година правиме се повеќе на полето на солидарноста. За солидарност издвојуваме над 240 милиони евра, наменети за клубовите кои не учествуваат во европските натпреварувања. Имаме огромен буџет, а дури 97 проценти од средствата се враќаат назад во фудбалот“, истакна Чеферин.
Тој потврди дека ќе ја продолжи својата работа на чело на УЕФА, посочувајќи дека добил поддршка од сите 55 национални федерации членки, а како свој главен приоритет ја наведе заштитата на фудбалот и зачувувањето на солидарниот модел на европската фудбалска организација.


