Претседателот на Азиската Фудбалска Конфедерација (АФК), шеикот Салман бин Ебрахим Ал-Калифа, го опиша планот на ФИФА да го продаде својот удел во Светското првенство на приватни инвеститори како „целосно неприфатлив“ и рече дека потегот ја поткопува континенталната структура на спортот. Невообичаено директните коментари од бахреинскиот функционер беа дел од писмото испратено до 47-те национални федерации на АФК денеска.
ФИФА во вторникот објави планови за формирање комерцијална гранка вредна 17,5 милијарди евра за управување со Светското првенство и други натпреварувања. Потегот предизвика остри реакции од регионалните конфедерации, вклучувајќи ги УЕФА и АФК, кои велат дека биле изненадени од објавата.
Шеикот Салман, кој е и виш потпретседател на Советот на ФИФА, во писмото вели: „АФК со голема загриженост и разочарување забележува дека ФИФА не се консултираше со нас на кое било ниво пред јавно да го објави овој предлог.
Исто така, не добивме никаква детална управувачка, финансиска или правна анализа на предлогот, како и никаква анализа на неговите потенцијални последици, што е целосно неприфатливо. АФК е длабоко загрижена што едностраните дејствија на ФИФА се чини дека ги поткопуваат самите темели на континенталниот фудбал, кои се засноваат на солидарност, соработка и транспарентност.“
АФК, со седиште во Куала Лумпур, е една од шесте конфедерации на ФИФА и е одговорна за регионалните клупски и национални натпреварувања во Азија, Блискиот Исток и Австралија. Шеикот Салман рече дека предлогот не може да успее без поддршка од сите конфедерации.
Тој повика предлогот на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, да биде „темелно испитан и дискутиран преку соодветни правни и управувачки канали“. Тој, исто така, го критикуваше краткиот рок даден на националните федерации за да го одобрат планот.
Во писмо испратено до 211 фудбалски федерации, Инфантино наведува дека секоја од нив ќе добие 35,12 милиони евра доколку се согласат со предлогот на ФИФА до 19 септември.
„АФК е изненадена што сегашниот временски рок остава исклучително краток период за разгледување на толку важен предлог. Ваквите одлуки никогаш не треба да се донесуваат набрзина“, напиша шеикот Салман.
Поради сето ова, тој ги замоли членовите на конфедерацијата да не донесуваат одлука за предлогот сè додека АФК не одржи понатамошни дискусии со ФИФА.
„АФК љубезно ги замолува сите членови да го почекаат исходот од овие консултации и завршувањето на потребните процеси пред да заземат став за предлогот“, се вели во писмото и додава: „Ве уверувам дека АФК останува целосно посветена на конструктивна соработка со сите членови, ФИФА и засегнатите страни за унапредување на интересите на фудбалот и обезбедување на понатамошен раст на играта врз основа на доверба, транспарентност и единство.“


