Извршниот директор на Евролигата, Чус Буено, изјави дека преговорите со НБА не се завршени, но дека Евролигата нема да се откаже од сопствениот модел на развој.
Евролигата е подготвена да соработува со НБА, но сите 13 сопственици на клубови мора да бидат вклучени во проектот, со право на одлучување и значително поприфатливи финансиски услови.
Приказната за евентуалниот влез на НБА лигата на европскиот пазар и создавањето нов кошаркарски проект добива нови контури. Иако првичната понуда од американската лига беше одбиена, вратата за договор не е затворена, а клучните услови на европските клубови се однесуваат на сопственоста, финансиите и контролата врз иднината на натпреварувањето.
Во интервју за шпанската агенција „ЕФЕ“, кое го објави „Марка“, Буено објасни дека клубовите се отворени за соработка, но дека не сакаат да бидат само учесници во проект во кој некој друг би ги донел најважните одлуки.
Според информациите објавени од агенцијата ЕФЕ, првичната понуда на НБА лигата предвидувала распределба на повеќе од 500 милиони евра меѓу клубовите сопственици на Евролигата, со обврска секој клуб што ќе се приклучи на проектот да инвестира 440 милиони евра.
Буено не сакаше да потврди конкретни финансиски износи, повикувајќи се на доверливоста на преговорите, но јасно стави до знаење дека моделот ќе мора да биде поприфатлив за европските клубови.
„Доколку НБА сака да дојде во Европа и да формира сојуз со нас, клубовите мора да бидат дел од тој модел, а износите мора да се дискутираат. Клубовите се отворени за соработка, но сакаат сите да бидат вклучени и да го најдат најдобриот начин за да не мора да инвестираат толку многу“, рече Буено.
Тој додаде дека Евролигата ќе продолжи да го развива својот модел на франшиза и планови за проширување, дури и ако не се постигне договор со НБА лигата.
„Доколку има нови понуди од НБА лигата, вратата е отворена. Сепак, ќе продолжиме да работиме на моделот на Евролигата“, нагласи раководителот на европското натпреварување.
Особено интересен дел од разговорот беше тврдењето на заменик-комесарот на НБА, Марк Тејтум, дека новиот европски проект би можел да им донесе на клубовите до три пати повеќе приходи во споредба со бизнис-планот на Евролигата.
Буено верува дека ваквите споредби се нецелосни ако не се земе предвид почетната инвестиција што клубовите би требало да ја издвојат за да влезат во проектот на НБА.
„Ако франшизите инвестираат 500 милиони евра и заработат 240 милиони во текот на десет години, тие сепак се во минус од 260 милиони. Во нашиот случај, тие не губат пари на тој начин, бидејќи не инвестираат ништо на почетокот. Ако генерираат приходи од 100 или 200 милиони евра, толку постигнале“, објасни Буено.


