Без разлика кој што мисли, Република Македонија е сериозна држава со сериозни институции. За да функционира правилно, законски и подеднакво за секој еден жител, мора да важат и да се почитуваат правилата и законите. Сите да сме исти пред суд, полиција, сејф сити, администрација, образование… И во спортот исто, кажа директорот на ФК Вардар, Миленко Неделковски по повод спорот со ГФК Тиквеш 1930, а во врска со медицинската документација на Окере Ебубе Висдом.
„Правилата што важат за БСК Брњарци мора да важат и за Вардар. Маката што ја има Арсими или Силекс на почеток на првенство да собере документација за клубот и за секој фудбалер поединечно, мора да се цени и почитува, и да важи за сите. Да нема привилегирани што ќе сакаат протекција преку оправдание „техничка грешка“, според негово мислење.
За потсетување, Тиквеш официјално одговори на жалбата што Вардар ја поднесе до Фудбалската федерација на Македонија по елиминацијата во осминафиналето на Купот на Македонија. Кавадарчани признаваат дека направиле пропуст во системот КОМЕТ, но тврдат дека станува збор за техничка грешка, а не за намерен фалсификат.
Подоцна се огласи и ФФМ. Федерацијата истакна дека во ниту едно свое известување не тврдела дека Тиквеш фалсификувал медицински документ, туку дека станува збор за податоците внесени во КОМЕТ. Според пропозициите за Првата лига, потврдата за лекарски преглед задолжително се внесува во системот пред почетокот на првенството и по истекот на нејзината важност.
Од Федерацијата истакнуваат дека Тиквеш во четвртокот во 14:26 часот ја прикачил потврдата на име на Висдом, а една минута подоцна документот на Спасовски го означил како неактивен. Федерацијата додава дека ова не е првпат да се констатира несоодветно внесување податоци од страна на Тиквеш.
За основаноста на жалбата ќе одлучува Натпреварувачката комисија на ФФМ, која, според Федерацијата, ќе постапи исклучиво врз основа на важечките правила. Рокот за донесување одлука не е соопштен.


