Младиот македонски фудбалер Матеј Гаштаров добива сè поголемо внимание во српската фудбалска јавност, а по неговиот погодок против Гент, на негова страна застана и Ненад Лалатовиќ. Тренерот на Нови Пазар смета дека Црвена звезда има голем потенцијал во македонскиот играч, но дека Алберт Риера не го користи на неговата најдобра позиција.
Гаштаров беше стрелец на израмнувачкиот гол за белградскиот тим на гостувањето кај Гент (1:1) во Лигата на конференции. По натпреварот повторно се отвори прашањето за неговата улога во екипата, со оглед на тоа што Риера го користи и во последната линија, иако неговата природна позиција е во средниот ред.
Токму на тоа укажа Лалатовиќ, кој пред неделниот дуел со Црвена звезда истакна дека внимателно ги следел настапите на белградскиот клуб и дека е импресиониран од работата на шпанскиот стратег, но има поинакво мислење за употребата на македонскиот фудбалер.
„Зошто од добар играч за врска правиме лош стопер? Гаштаров е можеби најдобриот играч за врска во лигата. Го видовте кога се премести во средината на теренот“, порача Лалатовиќ.
Тој отиде и чекор понатаму во процената на квалитетите на младиот фудбалер, нагласувајќи дека доколку добие континуитет на својата природна позиција, неговата пазарна вредност би можела да достигне и 20 милиони евра.
Лалатовиќ смета дека Риера има своја тактичка замисла со Гаштаров, бидејќи сака преку него да добие дополнителен играч во изградбата на нападите и полесно да ја изнесува топката од последната линија. Според српскиот тренер, Македонецот има одличен чекор и чувство за простор, но тие квалитети најмногу доаѓаат до израз кога игра во средниот ред.
И покрај оваа забелешка, Лалатовиќ имаше пофални зборови за Црвена звезда и начинот на кој тимот изгледа под водство на Риера. Според него, белградскиот состав одиграл одличен натпревар против Гент, имал контрола и доминација во текот на сите 90 минути и заслужил да стигне до победата.
Тој очекува Звезда да биде сè подобра како што одминува сезоната, а нејзиниот квалитет, буџетот и играчкиот потенцијал ја прават фаворитска против поголемиот дел од ривалите во домашното првенство.
Лалатовиќ, сепак, верува дека токму Гаштаров е еден од играчите на кои треба да им се даде поголема улога во средината на теренот. Македонецот веќе покажа дека може да биде важен фактор за белградскиот тим, а останува да се види дали Риера ќе ја прифати пораката од искусниот српски тренер.


