Норвешката фудбалска асоцијација (НФФ) поднесе две официјални жалби до надлежните органи на ФИФА, со што дополнително се зголемува притисокот врз претседателот на светската куќа на фудбалот, Џани Инфантино.
Една жалба е испратена до Етичкиот комитет на ФИФА, од кој Норвежаните бараат да го истражи однесувањето на Инфантино и да утврди дали имало прекршување на Етичкиот кодекс.
Другата е проследена до Комитетот за управување, ревизија и усогласеност, со барање да се разгледа процесот на донесување одлуки, финансискиот надзор и внатрешните контроли во ФИФА.
Спорот се однесува на три случаи – наградата за мир на ФИФА, укинувањето на суспензијата на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун за време на Светското првенство и одбиениот проект за продажба на малцински акции на инвеститори во компанијата што требаше да управува со натпреварите на ФИФА, вклучувајќи го и Светското првенство.
„НФФ со години поставува прашања за управувањето, транспарентноста и поделбата на овластувањата во рамките на ФИФА. Овие жалби се природно продолжение на нашата посветеност на добро управување во меѓународниот фудбал“, се вели во соопштението на Норвешката федерација.
Норвежаните бараат формално да се истражат сите три случаи, да се соберат релевантни докази и да се утврди евентуалната одговорност.


