Без разлика што некој мисли за Флорентино Перез, претседателот на Реал Мадрид, кој неодамна ја бранеше својата позиција на изборите и покрај тоа што има 80 години, е вистински уметник за бизнис. Само ова лето, неговиот клуб ќе заработи речиси 100.000.000 евра врз основа на трансфер на играчи кои дури и не играат за „белите“.
Прво, беше договорено заминувањето на Виктор Муњоз во Ливерпул, за сума од 20.000.000 евра за шпанскиот интернационалец кој направи трансфер во Премиер лигата преку Осасуна. Кога крилниот напаѓач замина за Памплона, кралскиот клуб веќе имаше собрано 5.000.000 евра. Потоа беше договорено Нико Паз да остане во Комо, а челниците на најпријатното изненадување од претходното италијанско првенство „искешираа“ 60.000.000 за да ја активираат откупната клаузула (иако Реал се заштити со тоа што можеше да го врати младиот Аргентинец за 80.000.000 евра следното лето). Денес беше потврдено дека Алваро Родригез ќе отпатува на Островот за да потпише за Борнмут, што ќе донесе уште 12.500.000 евра во касата на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, иако Реал повеќе не го поседува целиот договор.
Односно, половина. Кога Родригез замина во Елче, Реал доби 2.000.000 евра како отштета и го задржа правото на половина од заработката од следниот трансфер. Договорот треба да биде завршен во понеделник (петгодишен договор), бидејќи шпанските и островските медиуми сугерираат дека сè е договорено меѓу Елче и Борнмут. Вредноста на договорот е 25.000.000 евра со 5.000.000 бонуси. Ова значи дека Реал ќе инкасира 12.500.000 евра од потпишувањето на Алваро и можеби уште 2.500.000 во зависност од неговиот настап под водство на новиот тренер на Борнмут, Марко Розе. Договорот ќе биде на пет години, па 21-годишниот Уругваец има шанса да се докаже.
Алваро Родригез, како производ на Кастиља (младинскиот тим), стигна до сениорскиот тим на Реал Мадрид. Карло Анчелоти му даде шанса на десет натпревари, постигна еден гол, но помина вкупно 107 минути на теренот. Нико Паз 128, а Виктор Муњоз само 47. Вкупно 282 минути, и профит од речиси 100.000.000 евра. Поточно 99.500.000, кога ќе се пресметаат парите што Мадрид ги доби од продажбата на Муњоз на Осасуна, и Родригез на Елче.
За време на неговиот престој во младинските категории на Реал, Алваро Родригез беше обликуван од тренерската рака на Раул Гонзалез Бланко. Тој се карактеризира со неговата способност за скокање, чувството за следење на играта, тој е упорен до крајни граници и, и покрај фактот дека не е многу ефикасен, го доби прекарот Ел Торо. Во превод – Бикот. Минатата сезона тој постигна седум гола и асистираше за пет, како еден од адутите на Елче во нивната мисија да опстанат во Ла Лига.
Тој пристигнува во Борнмут, каде што би можел да биде замена за Елио Крупи, кој се поврзува со трансфер во Арсенал.


