Македонската фудбалска репрезентација го запиша и шестиот пораз во Лигата на нации, откако вечерва на Националната арена „Тодор Проески“ загуби од Словенија со убедливи 0:3. Наместо најавената реакција и обид за поправање на впечатокот, избраниците на Гоце Седлоски уште еднаш покажаа дека националниот тим се наоѓа во сериозна резултатска и играчка криза.
Словенците ја искористија својата шанса и уште во 29. минута преку Даниел Штурм дојдоа до водство. Македонија не успеа да најде одговор, а во второто полувреме следуваше нов удар. Зец во 66. минута ја затресе домашната мрежа за 0:2, додека Штурм со својот втор погодок во судиското продолжение ги постави конечните 0:3.
Така заврши и последната средба од овој циклус, во кој Македонија остана без ниту еден освоен бод. Шест натпревари, шест порази, само еден постигнат гол и дури 15 примени. Бројките се доволно поразителни сами по себе и не оставаат многу простор за барање оправдувања.
Македонија влезе во оваа кампања со амбиции за конкурентност, но ја заврши на последното место во групата, без да успее да освои бод.
Единствениот гол во шесте натпревари беше постигнат на гостувањето кај Шкотска, кога Елмин Растодер погоди во поразот од 2:1. Тоа беше краток момент на надеж во кампања во која нападот речиси целосно потфрли, а одбраната пречесто беше изложена на сериозни проблеми.
По ваков епилог, сосема логично повторно се отвора прашањето за одговорноста. Седлоски доби можност да ја води репрезентацијата и да донесе нова енергија, но резултатите во овој циклус се далеку од очекуваното. Не станува збор само за порази, туку и за начинот на кој Македонија ги губеше натпреварите и за недостигот на конкретен напредок.
Сега пред репрезентацијата следува период во кој мора сериозно да се анализираат причините за ваквиот дебакл. Особено што последното место во групата значи дека Македонија ќе мора да игра бараж за опстанок во Б-дивизијата.


