Македонската фудбалска репрезентација би можела да добие нов селектор од Турција. Хамза Хамзаоглу, тренерот кој во сезоната 2014/2015 со Галатасарај освои три трофеи, според информации објавени во турските медиуми, започнал разговори за преземање на македонската репрезентација.
Информацијата ја објави турскиот медиум „Spor Depor“, во текст на новинарот Решат Џан Озбудак, на 18 ноември, а денес ја пренесе и „Ajansspor“, повикувајќи се на истиот новинар. Според овие информации, 56-годишниот тренер е во разговори со Македонија за евентуално преземање на селекторската позиција.
Хамзаоглу е без ангажман од летото 2025 година, кога ја заврши работата во Саудиска Арабија, каде што беше помошник на Фатих Терим во Ал Шабаб. Турските медиуми не објавуваат детали за евентуалните услови, ниту дали разговорите се во напредна фаза, но го поврзуваат неговото име со празната селекторска позиција во Македонија.
Најголемиот успех му е со Галатасарај
Хамзаоглу го има најсилниот тренерски период токму во Галатасарај, со кој во сезоната 2014/2015 ги освои турското првенство, Купот на Турција и Суперкупот. Тој работеше во повеќе турски клубови, меѓу кои Акхисарспор, Бурсаспор, Анталијаспор, Денизлиспор, Кајзериспор, Генчлербирлиги и други, а неговото име најмногу остана поврзано со успехот во Истанбул.
Во последниот ангажман беше дел од стручниот штаб на Фатих Терим во Ал Шабаб, во Саудиска Арабија, каде што работеше до летото 2025 година. Оттогаш е без тренерски ангажман.
Македонија како нов предизвик?
Евентуалниот ангажман на Хамзаоглу би бил поинаков избор за македонската репрезентација, особено ако се земе предвид неговото искуство во турскиот фудбал и работата во клубови со високи амбиции. Неговото име во Турција се поврзува со успехот во Галатасарај, но и со бројни тренерски ангажмани во домашниот фудбал.
Засега нема официјална потврда за договор, ниту од ФФМ, ниту од Хамзаоглу. Турските информации се дека разговорите се започнати, што го прави ова едно од имињата кои во моментов се актуелизираат во потрагата по нов селектор на Македонија.


