Перо Антиќ повторно се најде во центарот на разговорите во руските спортски медиуми, откако во интервју за „Спорт-Експрес“ говореше за можноста руските клубови и репрезентации да се вратат на меѓународната сцена, односите меѓу спортот и политиката, но и за идејата клубови од Русија да играат во регионални натпреварувања.
Поранешниот македонски репрезентативец, трикратен освојувач на Евролигата, во разговорот отворено го изрази својот став дека спортистите не треба да бидат жртви на политичките одлуки и дека руските кошаркари заслужуваат повторно да се натпреваруваат на меѓународно ниво.
Антиќ, кој во кариерата настапуваше и во Русија, а подоцна ги освои најголемите европски трофеи со Олимпијакос и Фенербахче, смета дека ситуацијата во која се наоѓа руската кошарка е неправедна кон играчите, кои не се политичари, туку спортисти.
„Кошаркарите на руската репрезентација не треба толку да страдаат. Тие имаат право да играат против другите национални тимови. Ние сме спортисти, кои го покажуваат своето знаење на теренот и се борат за својата земја. Ја претставуваме државата, но не сме политичари“, е ставот на Антиќ во интервјуто.
Тој се надева дека прашањето за враќање на руските клубови и репрезентации во меѓународните натпреварувања ќе биде решено во најскоро време, особено во контекст на претстојните одлуки на ФИБА за статусот на руската кошарка.
Антиќ во разговорот не ја криеше ниту својата поддршка за идејата руските клубови да добијат можност за настап во регионални натпреварувања, вклучително и во АБА-лигата. Според него, таквата опција би била интересна, но во моментов е тешко реализиралива поради политичката ситуација.
„Не треба да ги мешаме спортот и политиката, но тоа, за жал, се случува. Не мислам дека во моментов е реално, додека не се решат одредени работи. Но, во принцип, идејата е интересна. Ако Игокеа може да игра во ВТБ-лигата, зошто руските клубови не би играле во АБА-лигата?“, размислува Антиќ.
Во интервјуто тој се осврна и на можноста руските клубови да ги играат европските натпревари на неутрални терени, но не смета дека тоа би требало да биде единственото решение доколку се овозможи нивно враќање.
Антиќ, кој во Русија настапуваше за Локомотив Ростов и Санкт Петербург, во разговорот за „Спорт-Експрес“ истакна дека не гледа причина натпреварите да не се играат и на руска територија, доколку меѓународните организации донесат таква одлука.
„Не разбирам зошто не може да се игра во Русија веднаш“, е една од најдиректните пораки на македонскиот кошаркарски ас во интервјуто.
Ставовите на Антиќ доаѓаат во период кога прашањето за враќање на руските клубови и национални селекции во меѓународните натпреварувања повторно е актуелно, а одлуките на спортските организации ќе имаат значително влијание врз иднината на руската кошарка.


