Панатинаикос ја продолжи својата победничка серија во Евролигата, победувајќи го Фенербахче со 92:74 во четвртото коло. Жељко Обрадовиќ беше задоволен од играта на своите кошаркари, особено од одбраната и тимскиот дух, но нагласи дека сè уште има простор за подобрување.
На прес-конференцијата, тој зборуваше и за Матијас Лесор, Исак Бонга, претстојните предизвици, но и за посебниот однос со Шарунас Јасикевичиус.
Панатанаикос ја оствари својата четврта победа во Атина во исто толку натпревари, а најефикасни играчи за домашниот тим беа Матијас Лесор и Најџел Хејс-Дејвис со по 19 поени. Силван Франциско додаде 17.
Обрадовиќ ја започна конференцијата со анализа на играта и проблемите што неговиот тим ги имаше со офанзивните скокови на Фенербахче.
„Мислам дека по првите неколку минути почнавме да играме сериозно, агресивно во одбраната и го искористивме квалитетот што го имаме како тим. Фенербахче никогаш не се откажува.“
Српскиот стручњак особено го нагласи тимскиот дух, како и придонесот на играчите што не е секогаш видлив во статистиката.
„Некои работи не се видливи во статистиката. На пример, огромната работа што ја заврши Бонга. Тој беше фантастичен во одбраната. Тој постави стандард за целиот тим.“
Обрадовиќ им честиташе на играчите, им се заблагодари на навивачите за нивната поддршка и им посака среќа на Фенербахче и на неговиот пријател Јасикевичиус.
Зборувајќи за почетокот на сезоната, тој нагласи дека четирите одиграни натпревари се само мал дел од она што го очекува неговиот тим. Тој е особено задоволен од концентрацијата на играчите, нивната меѓусебна соработка и фактот дека уживаат во кошарката.
Како пример, тој го наведе Рогавопулос, кој се врати по отсуство и остави одличен впечаток во десетте минути на теренот.
„Сите придонесоа за победата.“
Посебно прашање беше за Матијас Лесор, еден од најзаслужните играчи за триумфот, со 19 поени и осум скока.
„Играше добро. Сериозен е на тренинзите, како и сите други играчи. Ја разбира играта. Знае како да игра. Секогаш се бори.“
Потоа Обрадовиќ објасни дека не сака премногу да издвојува поединци. За него, најважно е како функционира целиот тим, без оглед на тоа кој е на теренот. Тој го спомена и враќањето на Мустафа Фал, на кого му треба време да се вклопи повторно во тимот.
„Секој ќе добие своја шанса.“
На прашањето дали е задоволен од одбраната, и покрај убедливата победа и одличниот почеток на сезоната, Обрадовиќ рече дека тренерот никогаш не смее да престане да бара подобрување.
„Секако дека сакам повеќе. Тоа е нашиот живот. Ако сте задоволни по четири натпревари, тоа не е добро.“
Тој особено ги истакна лесните поени што Фенербахче ги постигна по офанзивните скокови и во транзицијата. Според неговата проценка, гостите постигнаа 22 поени само во првата четвртина.
„Сите тренери сакаат совршенство, но невозможно е да се биде совршен.“


