НБА ќе тестира две големи иновации за време на овогодинешната Летна лига во Калифорнија, Солт Лејк Сити и Лас Вегас, кои би можеле да го променат начинот на кој се игра и суди кошарката во иднина.
Првата иновација се однесува на изведувањето на слободни фрлања.
Наместо сегашниот систем, играчот ќе може да изведе само едно слободно фрлање, без оглед на тоа дали правилата бараат да шутира едно, две или три.
Вредноста на тој еден шут ќе биде еднаква на вкупниот број поени што би ги донел стандарден број слободни фрлања.
На пример, ако играчот погоди две слободни фрлања, тој ќе има само еден обид, кој ќе вреди два поени.
Ако требало да шутира три фрлања, еден шут ќе донесе три поени.
Ова правило ќе важи до последните две минути од четвртата четвртина, како и за време на продолженијата, кога повторно ќе важат стандардните правила на НБА.
Лигата веќе успешно ја тестираше оваа промена во развојната Г лига, каде што се спроведува од сезоната 2019/20, со цел да се забрза текот на натпреварите и да се намали бројот на прекини.
Друга голема иновација е употребата на таканаречената „паметна“ топка.
НБА ќе тестира топка со вграден сензор кој регистрира секој контакт со неа.
Собраните податоци треба да им помогнат на судиите да донесуваат одлуки, особено во ситуации каде што е потребно да се утврди кој последен ја допрел топката пред да излезе надвор од теренот.
Лигата нагласува дека вградениот сензор не ја менува тежината, чувството или карактеристиките на топката за време на играта, па играчите нема да ја забележат разликата.
Двете иновации беа презентирани на членовите на Комитетот за натпревари на НБА лигата, а првите натпревари во кои ќе бидат тестирани ќе се играат почнувајќи од петок на турнирот „Калифорнија Класик“.


