Возачот на Хаас, Естебан Окон, денес објави дека ќе го напушти тимот на крајот од сезоната, додавајќи дека тоа не значи дека неговата кариера во Формула 1 е завршена.
„Моето време во тимот на Хаас ќе заврши на крајот од сезоната 2026. Го напуштам овој проект со крената глава и горд на моите перформанси во околности кои, од различни причини и фактори надвор од моја контрола, не беа секогаш лесни“, рече Окон на социјалните медиуми.
Хаас, исто така, го потврди заминувањето на францускиот возач, но не објави кој ќе го замени Окон следната сезона.
Медиумските шпекулации се дека тимот би можел да го потпише возачот на Ферари, 21-годишниот Рафаел Камара, кој моментално води во шампионатот во Формула 2 со седум поени разлика.
„Мојот непосреден фокус е на следниот тркачки викенд. Ќе продолжам напорно да работам со тимот, ќе ја искористам секоја можност и ќе го извлечам максимумот од автомобилот. Сè уште има многу трки до крајот на сезоната и како и секогаш, ќе дадам сè од себе зад воланот, за себе и за мојот тим“, рече Окон.
„Сè уште сум мотивиран. Сè уште сум гладен за успех. Ова дефинитивно не е крај на мојата кариера во Формула 1“, нагласи тој.

Одлуката беше објавена осум трки пред крајот на сезоната, што ја прави многу веројатно дека Окон ќе остане без место во Формула 1 следната година.
Со малку јасни опции во другите тимови, тој би можел да биде принуден да прифати улога на резервен возач следната година.
Окон се приклучи на Хаас од Алпин пред сезоната 2025 и има послаби перформанси од 21-годишниот колега Оливер Берман.
Разликата во перформансите помеѓу двајцата возачи се зголеми оваа сезона. Берман е 13-ти во шампионатот со 20 поени, додека Окон е 16-ти со седум. Берман го води Окон со 10-4 во квалификациите оваа сезона.
Директорот на Хас, Ајао Комацу, му се заблагодари на Окон за неговите достигнувања и рече дека неговиот професионализам и посветеност се многу важни во развојот на организацијата.
„Заедно оваа година одговоривме на предизвикот од голема промена во техничките прописи, а искуството на Естебан зад воланот и неговите совети беа многу важни додека напорно работевме на развојот на VF-26 во текот на сезоната. Сè уште има многу трки пред нас и нашиот фокус останува да ја искористиме секоја можност заедно до последната трка од сезоната“, рече тој.


