Претседателот на Пари Сен Жермен, Насер Ал-Келаифи, одби да коментира за 114-те обвиненија против Манчестер Сити за прекршување на финансиските правила на Премиер лигата помеѓу 2009 и 2018 година.
Тој зборуваше на генералното собрание на Европската асоцијација на фудбалски клубови (EFC), чиј претседател е.
„Пред се, не сме тука да судиме за нешто што сè уште не е конечна одлука. Второ, тука сме да си помагаме и да се поддржуваме едни со други. Секако, ако нешто не е во ред… не сум адвокат, но мислам дека имаат право на жалба, па затоа одлуката не е конечна. Не сме во позиција да зборуваме. Ова е повеќе за Премиер лигата и за англиски клуб. Да видиме што ќе се случи. Феран Сориано (извршен директор на Манчестер Сити – н.з.) е одлична личност во одборот на здружението. Тој е голем капитал кој ни додава вредност со своето знаење. Неговата кариера е фантастична, а Манчестер Сити исто така направи позитивни работи, но ние не сме во позиција да судиме. Ние не сме ниту судии, ниту суд“, рече Ал-Келаифи.
Тој, исто така, му се заблагодари на претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, во пресрет на претстојното враќање на шпанскиот клуб во здружението.
„Јас лично го разгледав ова и имав директни разговори со Флорентино Перез. На прво место, огромна почит кон него. Мислам дека луѓето треба да го почитуваат за она што го направи за фудбалот. Без разлика дали ни се допаѓа или не, тој врши неверојатна работа за Реал Мадрид, европскиот фудбал и Лигата на шампионите. Колку пати ја освоил Лигата на шампионите – шест или седум, ако не се лажам. Тој беше многу директен во нашите разговори. Самите преговори траеја доста долго, но мојот дијалог со него не траеше ниту половина час, бидејќи тој исто така сака да го брани европскиот фудбал и се надева на обединување. Понекогаш вие, медиумите, не сте фер кон клубовите, директорите и претседателите, бидејќи тие прават многу. Флорентино направи многу за Шпанија, а некои луѓе вршат лични напади врз него. Секако, ние се натпреваруваме, но јас и раководството имаме огромна почит кон Флорентино Перез и Реал Мадрид. Затоа мислам дека тој заслужува повеќе почит“, додаде претседателот на EFC.


