Поранешниот англиски репрезентативец и напаѓач на Њукасл и Ливерпул, Енди Керол (37), јавно го потврди идентитетот на човекот кој сексуално го нападнал додека спиел.
Мажот е Кевин Адамс (59), поранешен кореограф и тренер по танц познат по својата улога во Академијата на славата на Би-Би-Си.
Керол првпат зборуваше за нападот во својата автобиографија „Owning It“, но во тоа време не сакаше да го открие името на сторителот. Тој ја донесе одлуката јавно да го именува откако дозна дека името на Адамс веќе е во официјалните и јавно достапни судски документи.
„Сега кога Кевин Адамс е именуван во судските документи како мој напаѓач, можам да потврдам дека тоа е тој. Се надевам дека конечно ќе можам да почнам да го оставам ова поглавје зад мене. Ова имаше разорно влијание врз мојот живот и оние што ми се најблиски“, изјави Керол за „The Sun“ во неделата.
Нападот се случил во 2019 година додека Керол го носел дресот на Њукасл. Адамс дошол во неговиот дом за да гледаат заедно боксерски натпревар, по што останал таму.
Случајот доби судски епилог во септември 2023 година, кога Адамс беше прогласен за виновен за сексуален напад на Крунскиот суд во Челмсфорд. Два месеци подоцна, тој беше осуден на 20 месеци затвор, со 10-годишна регистрација во регистарот на сексуални престапници и забрана за пристап до живеалиштето на Енди Керол.
На крајот, познатиот фудбалер ги замоли медиумите и јавноста да не ги користат неговите заеднички фотографии со Адамс покрај публикациите за овој случај, истакнувајќи дека не сака постојано да се гледа или да се сеќава на траумата одново и одново додека се обидува да продолжи со својот живот.


