Фудбалската репрезентација на Македонија во сабота ја очекува натпревар против Шкотска во Лигата на нациите на УЕФА. По двата порази од Швајцарија и Словенија, избраниците на Гоце Седлоски на домашен терен ќе бараат први бодови во ова натпреварување.
На прес-конференцијата пред натпреварот, Седлоски уште еднаш го потврди својот став дека репрезентацијата се наоѓа во процес на подмладување и дека за тој процес е потребно време.
„Ја подмладивме репрезентацијата и уште ќе подмладувам. Критиките нека одат кај мене. По договор со федерацијата, ќе продолжам со процесот на создавање нови играчи. Сакаме да создадеме нова репрезентација и на тој процес останувам до крај. За тоа треба време, не може сe да дојде преку ноќ“, истакна Седлоски.
Тој нагласи дека настапот во Лигата Б носи поинакви предизвици и дека Македонија мора да се адаптира на квалитетот на противниците, но истовремено да не отстапува од сопствениот начин на игра.
„Кога доаѓав знаев каде влегувам и со какви репрезентации ќе играме. Работам, гледам, следам и знам што правам. Сакам овие момци да бидат задоволни и да ја направат Македонија среќна. На мечот со Словенија, особено во првото полувреме, видовме работи од кои можам да бидам задоволен и сакам да продолжиме во тој ритам, без да се браниме“, додаде селекторот.
За Шкотска, Седлоски очекува физички силен противник, кој често ја користи играта со долги топки и директни напади.
„Шкотска е репрезентација која игра со долги топки и многу топки во шеснаесетникот. Не смееме да ја прифатиме нивната игра, туку мора да ја неутрализираме со наша реакција. Имаат играчи од Премиер лигата, Чемпионшип и Италија. Спремни сме да излеземе на терен, да покажеме карактер и да одиграме како што знаеме“, порача Седлоски.


