Македонската фудбалска репрезентација ги привршува подготовките за првиот меѓусебен натпревар со Швајцарија. По четирите одработени тренинзи во пресрет на натпреварот, селекторот Гоце Седлоски е задоволен од односот и работата на фудбалерите.
„Од сите играчи сум презадоволен. Сите четири тренинзи ги одработија максимално и знаат што треба да работат на терен. Против секој противник треба да се игра, па така и против силната Швајцарија. Знаеме каков ростер имаат, но сакам да размислуваме пред се за нас. Сите наши фудбалери се здрави и тренираат добро, освен Николов кој нема да настапи. Со помош на публиката верувам дека можеме до позитивен резултат. Очекуваме голема поддршка од трибините, а наше е да прикажеме добра игра“, изјави Седлоски.
Дуелот против еден од најквалитетните европски национални тимови е закажан за сабота, од 20:45 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
Инаку познати се и арбитрите кои се делегирани за првиот натпревар на репрезентацијата.
Главен судија е Германецот, Даниел Шлагер, а ќе му помагаат Свен Новицки и Тобијас Фрич. За четврти судија е делегиран Робин Браун, а во ВАР собата ќе се бидат Бенјамин Бранд и Бенјамин Кортус.
За германскиот арбитар кој знакот на ФИФА го носи од 2022 година ова ќе биде вкупно 303 натпревар во кариерата, а само втор во Лигата на нации и тоа во претходното издание кога на 17 ноември 2024 година ја делел правдата на мечот меѓу Македонија и Фарски Острови во кој забележавме победа со 1:0, а стрелец на голот беше Бојан Миовски.
Шлагер во просек покажува по 4,31 жолт картон, а на натпреварот на Арената Тодор Проески шестмина фудбалери добија опомени и тоа Никола Серафимов, Езгијан Алиоски, Енис Барди, Исник Алими, Милан Ристовски и Петур Кнудсен.
Германскиот арбитар бил делегиран и два натпревари во квалификациите за Европското првенство додека во клупските натпреварувања во организација на УЕФА судел на 16 меча од кои 13 во Конференциска и три во Лига Европа.
Во Бундес лигата Шлагер судел на 106 натпревари додека во Купот на Германија бил делегиран на 17 меча.


