За фудбалската репрезентација на Македонија ова ќе биде и првиот домашен натпревар по подолга пауза, што дополнително го зголемува мотивот кај репрезентативците. Капитенот на „жолто-црвените“ Енис Барди очекува полниот стадион да биде важен фактор во дуелот со Швајцарија.
„Имаме одлична атмосфера, среќни сме што повторно сме заедно и подготвени сме за максимум. Очекуваме голема поддршка од навивачите, тоа многу ни значи. Играме во Скопје, ова е нашиот дом и треба да го покажеме нашиот идентитет. Многу ни значи полн стадион и свесни сме дека пред нас е тежок натпревар“, вели Барди.
Во составот има и нова енергија со неколку млади фудбалери кои за првпат се дел од А-репрезентацијата. Капитенот нагласува дека младите се добро прифатени во националниот тим и дека нивното присуство носи дополнителна свежина.
Со овој натпревар Македонија го отвора новиот циклус во Лигата на нации и својата прва сезона во Лига Б. Во групата Б1, покрај Швајцарија, наши противници се и селекциите на Словенија и Шкотска.


