Постојано се зборува дека стилот на игра на тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо е застарен и дека Португалецот е тренер од минатото, но и покрај сè, тој секогаш наоѓа начин да ги замолчи сите.
Веројатно ова ќе биде случај до крајот на неговата кариера, а и покрај тоа што му било кажано дека е тврдоглав, Мурињо верува дека тоа не е вистина.
„Со текот на времето, станав поурамнотежен во смисла што веќе не ми е гајле што велат другите. Критиките не ме засегаат. Можат да кажат дека сум направил ова, она, и дека во Барселона сум направил ова или она… Веќе не ми е гајле за тоа. Навистина. Сè уште мислам дека заслугата за она што го направивме во Барселона им припаѓа на играчите. Јас сум таму само за да им помогнам. Ако по натпреварот почувствувам дека сум им помогнал со тоа, си заминувам многу среќен. Целосно сум избалансиран. Не сум ниту похрабар ниту помалку храбар, не сум ниту подефанзивен ниту поофанзивен. Дефанзивниот тренер од мојот прв мандат е истиот оној што освои 100 поени и постигна 120 или нешто повеќе гола. Би сакал да бидам таков дефанзивен и оваа сезона, за да постигнеме толку голови и да освоиме толку бодови“, рече Жозе на прес-конференцијата пред натпреварот со Расинг Сантандер.
Сепак, Португалецот призна дека е многу поотворен со своите асистенти отколку што бил во претходните средини.
„Отворен сум за учење и извлекување заклучоци од она што го учам, гледам, слушам и зборувам. Ги слушам моите асистенти. Понекогаш дури и не морам да ги слушам – само гледам како функционира работата со играчите во текот на неделата и веќе можам да почувствувам каде одат работите. Тоа е сè. Смирен сум, многу смирен. Исто како што сакам мојот тим да остане смирен во тешки моменти, но и кога ни оди добро.“, истакна тој.
Реал Мадрид се соочува со четири последователни гостувања. Минатата година, во ова време, имаше слична ситуација. Кралскиот клуб победи против својот најголем ривал, но резултатите потоа не беа добри.
„Мислам дека секој натпревар е опасен, без разлика дали играме дома или на гости. Сепак, на гостувањата мора да сметате и на противничката публика, притисокот што можат да го создадат, како и на дополнителната мотивација на домашниот тим. Тимовите природно се чувствуваат поудобно на својот стадион, а секој противник има свои квалитети и предности. Расинг, на пример, сè уште не загубил дома. Потоа го имаме АЕК, кој утре го игра градското дерби против Панатинаикос. Значи, ќе дојдеме во Атина против тим кој или ќе биде многу среќен што го добил дербито или, условно кажано, ќе биде во криза ако изгуби од Панатинаикос. Не мислиме дека ќе биде лесно. Ќе биде тешко, но ова е и тест за нашата отпорност. Тест за нашата способност да бидеме задоволни на крајот од сезоната. Тест за меѓусебна поврзаност, но и тест за ширината на играчкиот кадар, бидејќи се обидуваме сите да бидат подготвени и мотивирани за натпреварот.“, вели Специјалниот.


