Работнички ја оправда фаворитската улога и со победа од 92:85 над Струмица 2001 се враќа од своето гостување во салата „Парк“ во првото коло од новата сезона во МТЕЛ Суперлигата.
Клучна за триумфот на скопскиот тим беше одличната игра во првото полувреме, во кое изгради предност од 23 поени, доволна за да ги одбие налетите на домаќинот во продолжението и да ја зачува победата.
Ефремовски беше најефикасен играч на натпреварот со 29 поени и два скока. Рикиќ оствари дабл-дабл со 20 поени и 11 скока, додека Робев запиша 15 поени, шест скока и пет асистенции.
Во составот на Струмица 2001, дури четворица кошаркари завршија со двоцифрен број поени. Крафорд одигра одлично второ полувреме и натпреварот го заврши со 31 поен, пет скока и четири асистенции. Коцев постигна 17 поени и четири скока, Д. Пандев запиша 12 поени и осум скока, а Херис додаде 10 поени и седум скока.
Во последниот натпревар од првото коло на МТЕЛ Суперлигата, Пелистер на домашен терен стигна до победа над ТФТ со 78:70. Во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, двете екипи одиграа израмнет натпревар во кој победникот беше решен во самата завршница.
Домаќините на две и пол минути до крајот водеа со 71:65, но ТФТ со серија од пет поени успеа да се врати во натпреварот и да намали на само еден поен – 71:70.
Сепак, Пелистер одговори во вистински момент, постигна неколку важни поени и повторно се одлепи на 76:70, со што го затвори натпреварот и стигна до победа на премиерата.
Мекдауел го заврши натпреварот со 19 поени, седум скока и две асистенции. Капитенот Филип Сапунџиев постигна 14 поени и имаше шест скока, додека младиот Кириловски постигна 11 поени. Исто толку поени запиша и Си-Џеј Вилсон.
Кај ТФТ убедливо најефикасен беше Сила со 31 поен, девет скока и три асистенции. Вајт додаде 12 поени и седум скока.
РЕЗУЛТАТИ 1. КОЛО
МЗТ Скопје Аеродром – МКК Куманово 85:77
ГКК Штип – Тиквеш Голден Игл 65:93
Струмица 2001 – Работнички 85:92
Скопје – Кожув 95:101
Пелистер – ТФТ 78:70


