Лино Червар не бараше изговори по тешкиот пораз во првото коло од ЕХФ Лигата на Европа против Логроњо. Искусниот хрватски стручњак призна дека шпанскиот тим бил подобар во практично сите сегменти од играта.
„Шпанците беа подобар тим од нас. Тоа е добро образован и добро составен тим, додека ние едноставно бевме разочарување. Искрено ми е жал за тоа. Изненаден сум што паднавме без испукан куршум. Нашата одбрана беше слаба, примавме лесни голови и немавме решение за нивната игра“, рече Червар.
Тој исто така истакна дека играчите од кои се очекуваше да бидат носители на играта не успеаја да преземат одговорност во најважните моменти.
„Можеби играчите од кои очекувавме повеќе не го дадоа потребниот придонес. Би употребил една изрека – едно скапано јаболко може да уништи цела гајба јаболка. Таа несигурност се прошири на целиот тим кога оние кои требаше да преземат одговорност не го сторија тоа. Бевме исплашени и нефокусирани“, нагласи тренерот на Пелистер.
Еден од клучните фактори на играта беше голманот на Логроњо, Хуан Ледо, кој собра дури 22 одбрани.
„Го разигравме нивниот голман. Дваесет одбрани во ракомет се навистина многу и тоа многу зборува за нашиот настап. Жал ми е за луѓето и за публиката. Да имаш таква поддршка од трибините и да играш ваков натпревар, е навистина тажно“, додаде Червар.
Трофејниот експерт истакна дека самиот пораз не е најголемиот проблем, туку начинот на кој неговиот тим стигнал до таму.
„Можеш да изгубиш натпревар, тоа е спорт. Но, важно е како губиш. Ако противникот е подобар и се бориш до крај, тогаш им пружаш рака и им честиташ. Не заслужувавме ништо повеќе од пораз. Во второто полувреме морав да посегнам кон игра што не ми се допаѓа, но бевме во ситуација каде што баравме каква било шанса да се вратиме. Искрено, поразот можеше да биде поубедлив.“
На крајот, Червар рече дека овој натпревар мора да послужи како сериозно предупредување за продолжението на сезоната.
„Моравме и требаше да играме многу подобро. Бевме разочарани. Се надевам дека ќе учиме од нашите грешки, бидејќи понекогаш тие се најдобриот учител. Ќе има уште многу натпревари, но вакви проблеми не смеат да се повторат. Ќе анализираме сè заедно и ќе се обидеме да извлечеме поуки за во иднина.“


