Белград ќе биде домаќин на финалниот натпревар од Лигата на Европа во 2029 година. Финалниот натпревар од Лигата на шампионите, истата година, ќе се игра во Барселона.
Одлуката е донесена на седница на Извршниот комитет на УЕФА во Солун. Финалниот натпревар од Лигата на Европа ќе се игра на 23 мај 2029 година на идниот Национален стадион во белградската населба Сурчин.
УЕФА остана доследна на политиката за рамномерен развој и поддршка на регионот на Западен Балкан. Според дел од српските медиуми, раководството на европската куќа на фудбалот предводено од Александар Чеферин, во кое заменик-генералниот секретар и директор на националните асоцијации Зоран Лаковиќ имал важен збор, повторно испрати позитивни сигнали до Белград.
И покрај одложувањата, одредени проблеми и помал отпор, европската куќа на фудбалот најде начин и даде зелено светло за организација на финалниот натпревар од Лигата на Европа во 2029 година. Националниот стадион, со капацитет од 52.000 седишта, според првичниот план, треба да биде завршен следната година.
На состанокот на Извршниот комитет на УЕФА во Солун, беше одлучено и финалето на Лигата на шампионите во 2028 година да се игра во Минхен на стадионот на Баерн, а една година подоцна на стадионот „Камп Ноу“ во Барселона.
Пред натпреварот за трофејот во Белград, финалето на Лигата на Европа во 2028 година ќе се игра во Букурешт, додека на финалињата на Конференциската лига во 2028 и 2029 година, домаќини ќе бидат Торино и Будимпешта.


