Тренерот на Интер, Кристијан Киву, го пофали карактерот на своите играчи по спектакуларната победа од 5-3 над Удинезе. „Нероазурите“ губеа со 2-0, но, како што направија против Наполи во претходното коло, се вратија за да ги освојат трите бода.
„Во првите 25 минути игравме без потребната енергија, но потоа покажавме што најдобро знаеме – напаѓаме брзо и постигнуваме голови. Удинезе ги искористи целосно нашите грешки на почетокот, но потоа реагиравме. Секако ќе анализирам зошто почнавме толку неодлучно, но потоа сум задоволен од нашиот одговор“, рече Киву.
„Ако кажам дека не сум загрижен за фактот дека примаме многу голови, не би бил тренер. Тоа е модерен фудбал. Ми се допаѓа овој стил на игра, иако е ризичен. Ми се допадна нашиот гол за 2-2 затоа што успеавме брзо да ја вратиме топката и да организираме напад. Не сме совршени, знаеме дека има многу работи што треба да ги подобриме“, објасни тренерот на „нероазурите“.
„Минатата сезона загубивме дома од Удинезе, а сега успеавме да го свртиме натпреварот во наша корист. Се обидуваме да додадеме нови елементи во играта на тимот и оптимално да го ротираме составот. Денес Михитарјан беше стартер, Бони постигна гол, а Станковиќ исто така доби минутажа. Факт е дека имаме широк состав и дури ми е тешко да ги одредам почетните 11“, додаде Киву.


