Фудбалскиот репрезентативец на Македонија, Висар Муслиу очекува максимална ангажираност од сите утре против Швајцарија, во натпревар од Лигата на нациите. Дефанзивецот признава дека резултатите во овој циклус не се онакви какви што очекува јавноста, но нагласува дека тимот мора да покаже реакција.
„Се наоѓаме во тешка ситуација, нема резултати, а сите ги очекуваа затоа што го навикнавме народот со добрите резултати. Мора да ставиме прст на глава, да видиме што правиме и како се однесуваме кон дресот. Лигата Б е поквалитетна и тимски и индивидуално, но мора нешто да покажеме. Не смее само противникот да се прашува.“
Муслиу упати и апел за поддршка од навивачите, особено во период кога резултатите не се на посакуваното ниво.
„Ние сме луѓе, имаме емоции. Кога оди добро, никој ништо не кажува, но кога има толку навреди кон некого, не е убаво. Сега ни е најмногу потребна поддршката. Не е исто за нас што немаме победа и гол, но мора да гледаме напред. Чекаме поддршка на секој меч и сакаме секој да верува во нас. Како што имавме добри резултати порано, можеме и на наредните натпревари да бидеме подобри.“, порача тој пред дуелот, кој започнува во 20,45 часот.


