Селекторот на Аргентина, Лионел Скалони, изјави дека побарувачката за билети за натпреварот против Бенин, каде што Лионел Меси ќе се збогува, е неверојатна.
Тој рече дека дури и пет стадиони нема да бидат доволни…
„Да имавме стадион со големина на пет „Монументали“, ќе беше полн. Добивам пораки од сите страни и не можам ни да им објаснам на луѓето колку е тешко да се добијат билети“, рече Скалони, додавајќи:
„Можам само да ги замислам емоциите на сите, особено на Лео. Од моментот кога ќе стапне на теренот на Монументал, тоа ќе биде незаборавен момент за сите. Благодарен сум што сум дел од сето тоа. Тоа ќе биде негов ден, ден на неговите соиграчи, кои ќе му го дадат најголемото фудбалско задоволство, кое го заслужува.“
Вели дека Меси ќе им недостига на сите.
„Постои само носталгија дека тој повеќе нема да биде со нас. Повеќе не е прашање на фудбал, бидејќи мора да продолжиме да играме. Но, чувството кога е присутен е уникатно. Би сакал луѓето да го разберат тоа, што Меси носи на фудбалскиот терен: за противниците, за соиграчите, за навивачите. Не сум го видел тоа со никој друг. Репрезентацијата на Аргентина ќе продолжи да постои, но ништо нема да биде исто“, додаде Скалони.
Додаде дека дури и на 40 години, Меси е првиот што пристигнува на тренинг, а последниот што си заминува.
„Тој е неверојатен пример: првиот што пристигнува, последниот што си заминува. Начинот на кој се грижи за себе, начинот на кој се подготвува за секој натпревар… Каков феномен е, можете да видите во начинот на кој игра, меѓутоа, има работи зад кои само неговите соиграчи ги гледаат. Неговото заминување не може да се спореди со никој друг“, подвлече селекторот на Аргентина.
Натпреварот Аргентина – Бенин ќе се игра во вторник.


