Реал Мадрид го освои својот прв трофеј во новата сезона. „Кралскиот клуб“ го победи актуелниот европски шампион Олимпијакос со 93:89 во Абу Даби и го освои Суперкупот на Евролигата.
Тоа беше и еден вид реванш за финалето на Евролигата од минатата сезона, но пред сè, потврда дека Реал изгледа поинаку под водство на новиот тренер Педро Мартинез.
Тимот од Мадрид играше многу ефикасно, постигна 93 поени со дури 31 асистенција и погоди 10 тројки. Натпреварот беше решен во последната четвртина, кога Реал „избега“ со серија од 7:0 на 82:72.
Олимпијакос се обиде да се врати, но Реал имаше одговори во клучните моменти. Тимоти Луваву-Кабаро и Факундо Кампацо одиграа важна улога во финалето и ја зачуваа предноста.
Луваву-Кабаро го предводеше победничкиот тим со 12 поени, додека Хаиме Прадиља, Микаел Јантунен и Андрес Фелиз постигнаа по 11 поени. Тео Маледон додаде 10.
Олимпијакос го предводеше Саша Везенков со 22 поени.
Ова е првиот трофеј на Реал во ерата на Педро Мартинез, а начинот на кој го постигнаа им дава дополнителна причина за оптимизам пред новата сезона.


