Карлос Алкараз се пласираше во четвртфиналето на Мастерсот во Париз откако не помина ниту минута на теренот. Неговиот противник, Матео Беретини се откажа пред почетокот на натпреварот поради повреда што ја заработи во претходното коло. Италијанецот заработи повреда на рамото и не можеше да се соочи со третопласираниот играч во светот.
Алкараз на тој начин ќе има дополнителен ден одмор, што ќе му значи многу, со оглед на тоа што е крај на сезоната и дека повеќето тенисери се веќе оптоварени со натпревари и турнири, а тој мора да учествува и на Завршниот АТП турнир во Торино.
Алкараз сега го чека својот следен противник, а тоа ќе биде победникот на многу возбудливиот дуел што следи, во кој ќе се сретнат Артур Фис и Тејлор Фриц.


