Македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер ги започна подготовките за новата сезона под водство на легендарниот Линo Червар. Искусниот хрватски стручњак ги сподели своите први впечатоци и очекувања по првиот тренинг.
Според него, Пелистер мора да стекне препознатлив стил на игра, да функционира хармонично и како семејство, а дури потоа да размислува за резултатите.
„Морам да кажам дека ми е чест што сум тука и што го водам Еурофарм Пелистер. Ова ќе биде крај на мојата кариера. Среќен сум што сум во мојата втора татковина. Знам што претставува Пелистер, клуб со голема традиција. Кога го водев Умаг во Првата југословенска лига, играв против овој клуб. Пепи Манасков беше голем проблем за нас тогаш.
Многу сум амбициозен. Ќе дадам сѐ од себе за да го направам Пелистер конкурентен. Јас сум малку поинаков, па затоа ќе работиме поинаку. Сакам клубот да има свој имиџ, идентитет и препознатливост на теренот. Сите заедно, секој од нас, мора да го даде својот максимум. Како тренер, морам да дадам пример, да се борам како тим и ќе направам сѐ што можам за да го направам клубот успешен.
Засега имаме закажано три натпревари. Едниот ќе го играме против катарската репрезентација, другиот против словенечка Крка, а имаме и уште еден дуел со екипа од првата лига. Наскоро ќе има натпревари од регионалната лига, па затоа мора да бидеме внимателни. Веќе имаме голем предизвик во Охрид во првото коло. и мора да „програмираме“.
Најважно е да добијам јасна претстава за играта, за да можат играчите да видат што сакам и како ќе изгледа Пелистер. Има многу работа, а не многу време, затоа мора да бидеме рационални.
Се држам до една приказна – мора да ја сакаш работата што ја работиш. Секој тренер би сакал да ги има најдобрите играчи, но кога немаш она што најмногу го сакаш, мора да го сакаш она што го имаш. Го сакам тимот што го имам, верувам во него и сите заедно во клубот, како едно семејство, мора да бидеме успешни. Времето потоа ќе покаже колку далеку можеме да стигнеме“, рече Червар.
Во текот на подготвителниот период, македонскиот вицешампион закажа три пријателски натпревари пред почетокот на официјалните обврски во новата сезона.


