Трката за претседател на Светската фудбалска федерација (ФИФА) веќе предизвика први тензии во рамките на Француската фудбалска федерација.
Претседателот на француската фудбалска куќа, Филип Дијало, еден од противниците на Џани Инфантино на претстојните избори, беше налутен од објавата на генералниот секретар на федерацијата, Жоел Монлуи, која ја пофали работата на Конфедерацијата на африкански фудбал (CAF), објавува RMC Sport.
Моментот кога таа го направи ова е контроверзен, веднаш откако 54 африкански фудбалски федерации едногласно ја поддржаа кандидатурата на Инфантино за нов мандат.
Монлуи го пофали „доброто управување“ на Африканската конфедерација на LinkedIn, заедно со фотографија со претседателот на CAF, Патрис Мотсепе, и првиот човек на камерунскиот фудбал, Самуел Ето, кој јавно застана зад Инфантино.
И Дијало и Монлуи присуствуваа на Генералното собрание на CAF во нигерискиот главен град Абуџа минатата сабота, каде што Мотсепе ја објави одлуката на африканските асоцијации, а потоа ги повика присутните да станат и да му аплаудираат на актуелниот претседател на ФИФА.
Според француските медиуми, Дијало има намера да разговара со генералниот секретар, чие потег во рамките на асоцијацијата се сметаше за непријатност за претседателот на самиот почеток од неговата изборна кампања.
Претседателските избори на ФИФА се закажани за 18 март 2027 година во Рабат, а сите 211 национални федерации ќе имаат право на глас.
ФИФА потврди на 19 ноември дека Инфантино, Дијало и Јапонецот Козо Ташима ги поднеле своите кандидатури.
Французинот има поддршка од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), но ќе мора да најде сојузници надвор од Стариот континент, бидејќи Инфантино, покрај африканските, ја обезбедил и поддршката од јужноамериканските асоцијации.
Односите меѓу Инфантино и УЕФА се заладија во последните месеци поради проектот „FIFA Forward Enterprise“, кој вклучуваше продажба на 20 проценти од комерцијалните права за натпреварувања под покровителство на ФИФА на приватни инвеститори, во договор проценет на околу 20 милијарди долари.
УЕФА се спротивстави на начинот на кој беше подготвен проектот, како и на недостатокот на консултации со членовите на Советот на ФИФА, па Инфантино се откажа од идејата во август.
Европските фудбалски претставници потврдија во октомври дека бараат ривал на Инфантино, а изборот падна на Дијало.
Инфантино е на чело на ФИФА од 2016 година, а на последните избори во 2023 година немаше противкандидат, а во Мароко ќе се обиде да обезбеди четврти мандат.


