Манчестер Јунајтед е во огромна криза. Борнмут победи со 3-0 против тимот на Мајкл Карик, тим кој не личи на оној од минатата сезона. Хари Магваер, кој ја доби капитенската лента од Карик откако го остави Бруно Фернандеш надвор од тимот, изјави за Скај Спортс дека „нешто мора да се промени“, но тој се осврна на перформансите на играчите, а не на менаџерот.
„Не бевме доволно добри. Се разочаравме дека примивме гол толку рано, повторно по паузата. Кога ќе го примите првиот гол, работите стануваат многу потешки. Грешката со вториот гол ни го отежна уште повеќе. Не бевме доволно добри ниту како поединци ниту како тим и не заслужувавме ништо од овој натпревар. Работите не функционираат во моментов. Резултатите не се доволно добри, а настапите во последната недела не беа на ниво што ни треба. Но, сè уште е рано во сезоната. Треба да најдеме нешто што ќе нè поттикне, да се погледнеме себеси и да се погледнеме во огледало. Тоа е најважното нешто. Треба да размислиме што можеме да направиме повеќе и како можеме да придонесеме повеќе за тимот. Ако го сториме тоа, ќе можеме да продолжиме напред“, рече Магваер.
Искусниот дефанзивец верува дека секој играч треба да го погледне сопствениот настап и да преземе одговорност за резултатите кои се далеку под репутацијата на клубот од „Олд Трафорд“.
„Секако. Мора да се грижите за своите игри и да преземете одговорност. Ова е огромен клуб и секој ден мора да докажувате зошто го носите овој амблем. Во моментов, ние, како играчи, не даваме доволно. Мајкл Карик целосно ја смени нашата сезона минатата сезона, игравме одличен фудбал и постигнавме одлични резултати. Оваа сезона не бевме доволно добри како поединци“, додаде Мегваер.
Мегваер јасно стави до знаење дека промените се неопходни ако Јунајтед сака да излезе од кризата со резултатите.
„Сакаме да дадеме повеќе, да бидеме подобри и да постигнеме подобри резултати. Далеку сме од нивото на кое треба да бидеме и нешто мора да се промени“, заклучи Мегваер.


