Управниот одбор на Манчестер Јунајтед ќе се состане денес за да разговара за иднината на менаџерот Мајкл Карик и неговиот веројатен наследник. Поранешниот играч од средниот ред треба да биде отпуштен по вчерашниот пораз од 3-0 на „Олд Трафорд“ од Борнмут, што доаѓа неколку дена по поразот од 4-1 против Комо. „Црвените ѓаволи“ се без победа во осум натпревари во сите натпреварувања, а имаат победа само на еден од последните осум натпревари во Премиер лигата и се наоѓаат на 16-то место, само еден бод над зоната за испаѓање.
Обложувалниците во Велика Британија повеќе не приомаат облози на отпуштањето на Карик. Фаворит за назначување за нов менаџер е поранешниот менаџер на Њукасл Јунајтед, Еди Хау, кој има поддршка од директорот за фудбал Џејсон Вилкокс. Јулијан Нагелсман, исто така, има свои поддржувачи меѓу раководството, но Вилкокс инсистира на искуство во Премиер лигата, што ќе ја помести вагата во корист на англискиот стручњак.
Имињата на Унаи Емери, Фабијан Хурцелер, Антонио Конте и Киран Мекена исто така беа дискутирани, но тие во моментов не се меѓу фаворитите за позицијата.
Постои еден важен детаљ што, според некои извори, ќе го одложи објавувањето на одлуката. Во него се наведува дека клубот прво мора да ја информира Њујоршката берза пред да ја објави веста јавно. Се отвора во 15:30 часот по наше време.
Денес е во основа слободен ден за тимот, па играчите и Карик нема да се соберат во Карингтон.
Се очекува Манчестер Јунајтед да има нов менаџер за гостувањето кај Челси во сабота.


