Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, по денешната победа на трката во Формула 1 за Големата награда на Азербејџан, изјави дека имало тешки моменти, но дека дури и тогаш верувал во триумф.
„Неверојатно чувство е повторно да се биде на највисокото ниво на подиумот. Голема благодарност до тимот кој продолжи да верува во мене дури и во тешки моменти и ми помогна да ги надминам. Навистина сум горд на овој викенд“, рече Расел по трката.
Расел ја забележа својата трета победа во сезоната, а осма во кариерата.
Во последниот круг, возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, изврши притисок врз Расел, кој ги одби сите напади на своите ривали.
На прашањето што се променило што му овозможило да биде во толку добра форма овој викенд, тој рече дека сега има повеќе искуство со новиот стил на возење.
„Мислам дека тоа е затоа што имам повеќе искуство со новиот стил на возење што го усвоив. Од летната пауза се чувствувам подобро трка по трка. Повторно се чувствувам како себеси, па затоа е навистина одлично“, рече Расел.
Тој сега ја намали разликата на 66 поени во однос на тимскиот колега Кими Антонели, кој заврши петти откако стартуваше од 16-то место.
„Планот е да победувам на секоја трка. Мојот тимски колега имаше неверојатна сезона и речиси и да не направи грешки, но сега влегуваме во одлучувачкиот дел од сезоната. Ќе се фокусирам на себе. Ако можам да продолжам да ги покажувам перформансите што ги имам овој викенд, без разлика што ќе се случи до крајот на сезоната, ќе бидам среќен. Ова беше навистина тежок период за мене и сега чувствувам дека сум оставил се зад себе“, рече Расел.


