Косовски новинар го праша селекторот на Израел, Ран Бен Шимон, на прес-конференција пред утрешниот натпревар од Лигата на нации во Приштина дали е морално Израел да игра меѓународни натпревари. Тој не доби одговор.
Новинарот потсети дека ФИФА и УЕФА ја суспендираа Русија од меѓународниот фудбал поради војната и цивилните жртви во Украина.
„Додека вашата земја врши геноцид во Газа и убива илјадници деца, дали мислите дека е морално исправно Израел да игра меѓународен фудбал?“, праша новинарот, како што може да се слушне на снимката од конференцијата што ја емитуваше израелската телевизија Sport5.
Му беше кажано дека прашањето сега е за капитенот, бидејќи играчите, а не тренерот, зборуваат први. Новинарот повтори дека го поставува истото прашање и дека го интересира само дали е фер.
„Имате прашање за фудбалот? Бидејќи ние играме фудбал“, му беше кажано. Новинарот рече дека прашува затоа што истото се случило и со Русија и побара одговор со да или не.
„Тоа не е фудбал“, му беше кажано, а потоа му беше поставено следното прашање. Бен Шимон не одговори на прашањето.
Прашањето прво беше објавено од профилот „Косово фудбал“ на Твитер. Косовските портали што известуваа од конференцијата ги објавија само изјавите на Бен Шимон за натпреварот: дека нивото на двете репрезентации е блиску и дека Косово е силен тим.
Косово и Израел играат во сабота во 15 часот на стадионот „Фадил Вокри“ во Приштина.


