Светската тенисерка број еден, Арина Сабаленка, верува дека луѓето често ја перцепираат како „кучка“ само поради нејзините црти на лицето, или она што таа го опишува како нејзин „словенски изглед“.
Пред Вимблдон, каде што се смета за една од главните фаворитки за освојување на својата прва титула на лондонската трева, тениската ѕвезда отворено проговори за предрасудите со кои се бори.
Сабаленка, која три пати во кариерата стигна до полуфиналето на Вимблдон, се надева дека конечно ќе го додаде и најпрестижниот во својата колекција од трофеи од Гренд слем турнирите, по Австралија Опен и САД Опен, објави „Дејли меил“.
Иако се смета за една од највеселите девојки во соблекувалната, склона кон шеги и танцување, 28-годишната Белорусинка признава дека нејзините противнички и публиката честопати имаат сосема погрешна слика за неа. Дури и нејзината најдобра пријателка на Турнејата, Шпанката Паула Бадоса, првично имала ист став.
– Кога се запознавме, ѝ реков: „О, мислев дека си кучка!“, а таа одговори: „И јас мислев дека си кучка!“. Потоа ѝ реков: „Па, претпоставувам дека тоа не е вистина, па можеме да бидеме пријателки“. Таа рече: „Да, всушност сме доста слични“. Мислам дека е тоа само ставот што го имаме на теренот“, рече Сабаленка низ смеа.
Таа понатаму објасни дека нејзините природни изрази на лицето во јавноста честопати испраќаат погрешни сигнали.
– Кога првпат ќе ме видите, веројатно ќе помислите дека сум кучка поради моето словенско лице. Тоа дефинитивно не помага. Кога шетам наоколу со тоа безизразно, беземотивно лице, можам да изгледам многу агресивна и разбирам зошто луѓето мислат така. Но, кога ќе ме запознаете подобро, ќе сфатите дека тоа е нешто со што сум родена“, додаде светската тенисерка број еден.
Покрај муабетите за нејзиниот изглед, Сабаленка е во центарот на вниманието во Лондон и затоа што таа, заедно со светскиот број еден Јаник Синер, го предводи протестот на играчите кои бараат поголем награден фонд од Вимблдон.
Минатата недела, исто како и на Ролан Гарос, ѕвездите ги ограничија своите медиумски настапи на само 15 минути.
Иако Вимблдон го зголеми наградниот фонд за 20 проценти оваа година, играчите велат дека тоа не е доволно, бидејќи таа сума им носи нешто повеќе од 14 проценти од вкупните приходи на турнирот, додека тие бараат минимум 16 проценти.
– Го правиме ова за сите, не за себе. Го правиме ова за други играчи кои се борат дури и да ангажираат тренер. Животот за тенисерите со понизок ранг воопшто не е лесен – рече Сабаленка.


